
Кога одам во ресторан, во продавница, во балакница или на било кое место каде вработените носат ознаки со нивното име, или каде ќе ми се претстават, секогаш се обидувам да го користам нивното име за време на разговорот. Зошто? Затоа што луѓето се поврзани со нивните имиња и сакаат кога другите ќе им укажат почит. И затоа што е пристојно така да се направи.
Истото важи и за другитее имиња со кои се идентификуваме, вклучително и со имињата на нашите држави. Нема потреба повторно да ви кажам зошто мислам дека промената на името на Македонија беше грешка. Сум испишал и изговорил десетици иљади зборови на таа тема. Сум напишал и изговорил десетици илјади зборови и на натамошното менување на македонскиот идентитет, кое го вршат тие кои ја изнудија промената на името. Но, еве нешто ново, барем за мене: Веррувам дека многу луѓе и организации, особено на Западот, намерно ја користат придавката “северномакедонски”, во нејзините различни форми, со цел свесно да го негираат македонскиот идентитет.
Неодамна профилот Fifa World Cup (со 8.1 милиони следбеници на Твитер) објави осврт на главните изјави во текот на неделата, од разни фудбалери ширум светот. Списокот го отвори Горан Пандев, и беше проследен со одлична фотографија од Пандев, нa фудбалскиот терен. Го цитираат како вели дека „Ова за мене е последен натпревар во дресот на македонската репрезентација. Мислам дека е прав момент да се опростам од македонскиот дрес и да им посакам на овие момци, на оваа генерација, да се пласираат на светско првенство. Мислам дека оваа генерација може во следните години да ни донесе многу радости, не само на мене туку и на целата македонска јавност“.
Погодувате што сакам да кажам. Пандев не ги нарече Македонците “Северномакедонци”. Можете и самите да ја слушнете неговата прес конференција тука. Пандев рече “македонската јавност”.
Зошто тогаш ФИФА го фалсификуваше кажаното? Дали е ова случања грешка или злонамерен потег? Ова е направено со зла намера. Кој и да ја превел изјавата на Пандев, знаел доволно македонски за да знае дека во неа го нема зборот “Северна”. А сепак решил да го вметне. Според мене, ова е извршено злонамерно и со предумисла - македонски херој лажно е претставен како наводно да прифаќа измислен идентитет. Колку луѓе што ќе го прочитаат ова ќе помислат дека навистина постојат “Северномакедонци”?
Се наврати и прегледав низа видео снимки продуцирани од УЕФА, поврзани со македонкиот фудбалски тим кој настапуваше на Европското Првенство. Секако дека низ сите нив се користи наметнатото име “Северна Македонија”. Но, во најмалку две видеа кои ги погледнав УЕФА се помачила да го смени кажаното од македонските учесници во Првенството. Во едно од нив, на пример, тренерот Игор Ангеловски јасно вели дека “Горан ја сака Македонија…”. Но, во преводот, се вели “Горан ја сака неговата земја”. Во друго видео, голманот Столе Димитриевски јасно кажува “Македонија”. Ова е преведено како “Северна Македонија”.
Грешка или злонамерно? Ова е направено со зла намера.
На ова се надоврзуваат и многу други примери на злонамерно однсување и постапки.
Интернет “новинската” публикација Балкан Инсајт, која се финансира главно од западнитее влади и институции, и која не би можела да постои без нивните финансии, редовно и упорно ја користи придавката “северномакедонски” и покрај тоа што била прознава за оваа пракса од организации како што е Обединетата Македонска Дијаспора. Нивниот “известувач” од Македонија Синиша Јаков Марушич, го прави ова барем еднаш месечно во неговите “новински извештаи”. Кога ќе бидат повикани да го поправата ова, ќе го сменат текстот, но не наведуваат во веста дека извршиле измена - што е вообичаено за професионални медиумски куќи. Ова е една од причините зошто тие не се сериозна “новинска” организација.
Настрана тоа, зошто Синиша едноставно не напише “македонски”? На пример, во еден неодамнешен текст, тој првично напиша “северномакедонскиот натпреварувач” (линк до оригиналната верзија која ја архивирав. А еве ја поправената верзија (за која Балкан Инсајт не наведува дека била изменета” и во неа Синиша пишува “натпреварувачот од Северна Македонија”.
Секако, вистинското прашање е зошто Балкан Инсајт, зошто Синиша, едноставно не напишат “македонскиот натпреварувач”, што ќе биде и граматички правилно?
Грешка или злонамерно? Ова е злонамерно.
Нема дури ни да навлегувам во НАТО и во тоа како некои негови претставници упорно зборуваат за “Северномакедонците”, или пак прават вербална гимнастика само за да избегнат да кажат “Македонија” или “македонски”.
Во ред, луѓето прават грешки - Господ знае дека јас постојано правам грешки. И кога станува збор за некој што не е упатен во Македонија и во се што и беше наметнато на Македонија и на Македонците, можам да разберам да се направи грешка. Но, во примерите наведени погоре, цврсто верувам дека ова се злонамерни, свесни обиди да се заслабне и поткопа идентитетот на Македонците, и да се претвори во нешто што не е. Владата на Зоран Заев и на неговиот поранешен министер за надворешни работи Никола Димитров е одговорна за ова.
Македонците знаат кои се и Македонците се сигурни во својот идентитет. А за тие кои одбиваат да ги признаат како Македонци и кои одбиваат да го користат името и идентитетот кои се прифатени од Македонците, или пак, уште полошо, велат дека се нешто што тие не се… нивното однесување е темна дамнка на овие мали и бедни луѓе.