Среќен Божиќ, Македонијо!
Мала пауза од политиката неделава, за да се фокусираме за нешто поважно...
Кај средината на декември од годината што измина бев на едно од моите епски патувања низ планините на јужна Аризона заедно со зетот и еден пријател планинар. Го освоивме врвот Милер, највисоката точка на планината Хуачука, кој со 9,500 стапки/2,900 метри е највисок врв во јужниот дел на Соединетите Држави. Оттаму можете да уживате во убавината на таканаречените „небесни острови“ на Аризона. Ги викаме така бидејќи се работи за донекаде изолирани планински венци кои остро се издинуваат и отскокнуваат од околната пустина и диви низини со кои се во драматичен контраст. Овие места ги нудат најдраматичните глетки околу нас.
Додека го поставувавме кампот едно саботно попладне, го слушнав зет ми како извика по еден планинар кој буквално трчаше по тивката планинска стаза. „Стив...!“, го слушнав како вика. Набрзина излегов од шаторот кој го подготвував за преноќување и се најдов лице в лице со пријател кој не сум го видел безмалку 40 години.
Кога бевме многу помлади, како тинејџери, Стив и јас одевме во иста црква. Често пати планинаревме низ истите овие планински венци. Скоро 40 години подоцна јас се враќам на планинарскиот живот. Низ годините се заборавивме со него и со неговото семејство, не знаев каде живее и работи; зет ми, кој се покажа дека исто така одел со Стив во иста црква во 1990ите години, не го видел повеќе од 20 години.
Размислував додека стоевме така на планинската стаза, во осамена планина во јужна Аризона на 8,700 стапки/2,650 метри надморска височина, ние тројцата планинари, како што размислувам и сега додека го пишувам ова: Кои се шансите да се случи вакво нешто, да наидам на одамна загубен пријател од детството? Зошто се случи тоа?
Беше доцна, сонцето заоѓаше, температурите паѓаа, а Стив мораше бргу да се симне од планината, па можевме да разговараме само за еден миг. Стив ни кажа за неговото семејство, а јас му зборував за мојата љубов кон Македонија и Македонците. И потоа си замина.
Сега вие можеби се прашувате, имајќи го предвид насловот на колумната, „во ред Џејсон, ова е интересна приказна, но каква врска има со Божиќ“? Драг читателу, тоа е одлично прашање, на кое најдобро можам да одговорам на следниот начин, со нешто што сите го знаеме, но вреди да се повтори и запомни: Целиот наш живот е проткајан од односите што ги имаме, во вертикална смисла, меѓу нас, како поединци и нашиот однос кон Господ, и во хоризонтална смисла, тука, околу, меѓу нас, со нашите семејства, пријатели, соседи, колеги, дури и тие кои не ги сакаме баш. Животот се состои од нашите односи со другите, добри или лоши. Да, ние треба да пораснеме, одиме во училиште, научиме занает и да се ангажираме во низа ситни детали кои го прават животот добар и исполнет. Но, пред се и над се, во животот се важни нашите пријателства.
Погледнете ја традиционалната приказна за Божиќ, во неа учиме како Господ, воден од неговата љубов кон нас, го пратил неговиот Син, Исус Христос, да се роди како човек и како Бог, тука на земјата. Зошто? Затоа што Господ сакал да има личен однос со секој од нас. Исус, божјиот син, пораснал, станал столар, три години проповедал пред да му биде предаден на Понтиј Пилат, и распнат. А потоа, во чин кој е клучен за неговиот однос кон нас, Исус воскреснал на Велика Сабота, да им понуди вечен живот на тие кои, како што апостолот Павле му рекол на чуварот на затворот во Филипи, „веруваат во името на Господ Исус Христос“.
Додека вие, во моето македонско семејство и пријатели, се подготвувате да го прославите Божиќ, мојата молитва кон вас е да ги запомните овие нешта: дека животот се состои од нашите односи со другите, по вертикала и по хоризонтала; дека односот кој го имаме со Господ и со неговиот Син Исус Христос бил овозможен на тој прв Божиќ; и дека, бидејќи нашите животи се ограничени, треба да ги искористиме најдобро што можеме со посветеност на нашите односи со тие кои ги познаваме и ги сакаме, да работиме да ги подобриме со многу љубов. А искрено, треба да работиме и на подобрување на нашите односи со тие кои не ги знаеме многу добро. Тоа е нешто на што и јас сакам да поработам во новата година.
Му пратив на Стив фотографија од нас тројцата направена при нашата средба, и ми возврати со благослов: „Ти благодарам што ми ја прати фотографијата - беше пријатно изненадување. Баш се надевав да бидам благословен со малку сонце додека се симнував по планината, а добив многу повеќе од тоа. Среќен Божиќ и Среќна Нова Година“.
Планираме да одиме на планинарење заедно со Стив во текот на годинава, и да слушнеме како животите ни се смениле во изминатите 40 години. Се надевам да продолжам да ги подобрувам моите односи со тие кои ги знам и сакам. Се надевам и се молам дека и вие ќе го сторите истото.
Среќен Божиќ, Македонијо!