Како Македонија ми го смени животот (на подобро!)
Осврт на моите 26 години со Македонија
Денес е 25 мај 2022 година. Денес одбележувам 26 години со Македонија.
Тоа е повеќе од четвртина век. Ако просечниот животен век на мажите во Америка е 77 години (ние мажите умираме порано од жените), значи дека поминав една третина од мојот живот (досега) во и со Македонија. Ако успеам да издржам уште 25 или 26 години, тогаш, повеќето од мојот живот ќе биде поминат во и со Македонија.
Кратка приказна: минатиот месец бев поканет на бранч во приватно христијанско училиште на кое редовно му донирам во текот на целата година. Две од моите внуки и мојот внук дипломираа во нивната гимназија, а јас и понатаму придонесувам за нив, бидејќи се работи за добро училиште и сакам да знам дека и други деца кои учат таму растат во млади мажи и млади жени со одлично образование и добро христијанско воспитување.
Избрав случајна маса и започнав дискусија со постарата двојка кои седеа до мене. Нормално, Во текот на нашиот разговор го спомнав мојот однос со Македонија. Господинот веднаш ми одговори „Македонија, да, сум бил таму неколку пати!“ По малку повеќе разговор дознав дека бил во Кавадарци бидејќи работел (сега е во пензија) во металната индустрија. Околу 30 минути подоцна и директорот на училиштето ни се обрати. И погодете што рече тој? Нема да ве изненади, директорот рече : „Размислете за зборовите на Апостол Павле во 2. Коринтјаните 8 кога ги опишува верниците во Македонија кои толку посветено го славеле Божјото дело“. Не спореди нас, донаторите, со македонските цркви за кои апостол Павле напишал: „А сега, браќа и сестри, сакаме да знаете за благодатта што Бог им ја дал на македонските цркви. Среде многу тешко прогонување, тие се преплавени со радост и покрај нивната екстремна сиромаштија извираа во богата великодушност. Ви велам, тие даваа онолку колку што можеа, па дури и над нивните можности. Сами од себе, тие бараа да им се укаже чест да учествуваат во ова служење на Господа. И ги надминаа нашите очекувања: Му се предадоа пред сè на Господа, а потоа, по волјата Божја, и на нас“.
Размислете за тоа: среде пустината Соноран во Јужна Аризона, во еден прекрасен студен ден во април, седнувам на бранч на отворено и се соочувам со Македонија. Каде и да одам, секогаш има нешто да ме потсети на Македонија.
Денес размислувам за летот што го имав од Загреб до Скопје на 25 мај 1996 година. Бев во Хрватска една недела, службено, а претходно ми беше понудена можност да дојде во Македонија да работам со хуманитарна организација, Мерси Корпс, кои отворија нова канцеларија во Скопје, но да работам првенствено на Косово, во период од три месеци. Јас дотогаш живеев и работев во Вашингтон веќе седум години и си реков, зошто да не земам одмор, одам во Македонија, три месеци, да се забавувам малку и потоа да се вратам во Вашингтон за да ја продолжам мојата славна кариера и да продолжам да се искачувам низ светот на политиката.
Така, дојдов во Македонија на 25 мај 1996 година, во тридневна посета да видам дали ми се допаѓа земјата и дали би се вратил подоцна истото лето на тримесечен ангажман. Доволно ми се допадна, па се вратив јули да го започнам ангажманот, притоа очекувајќи дека ќе се вратам во Вашингтон по три месеци.
Но не се вратив.
Луѓето често прашуваат „зошто?“ За тоа имам совршено едноставен и искрен одговор: затоа што Македонците ги отворија срцата и домовите за мене, иако странец, и ми посакаа добредојде. Честопати се прашувам „што ако навистина се вратев во Вашингтон, после три месеци и продолжев да градам „славна“ кариера во политиката?“ Се згрозувам од самата помисла, знаејќи дека денес со право ќе бев означен како дел од „мочуриштето“. Тоа немаше да заврши добро за мене.
Како Македонија ми го промени животот (на подобро!)? За тоа би ми требало да напишам една цела книга (што и планирам) но за потребите на оваа колумна, дозволете ми само да кажам дека моето време во и со Македонија и Македонците ми даде подлабоко, поцелосно и многу повеќе значајно разбирање и ценење за љубовта, радоста, мирот, трпеливоста, одмереноста, добрината, убавината, верноста, благоста и самоконтролата.
Ќе застанам тука и само ќе изразам благодарност до земјата Македонија, и поконкретно до Македонците – оние кои ми станаа како семејство, оние кои ги сметам за вистински пријатели, оние со кои имав макар и кратка средба на ова мое патување, и да, оние со кои никогаш не се сретнав, но имаа влијание врз мене, на овој или оној начин. Бидејќи тоа е благодарноста, чин на активно размислување и задржување на она за што сте благодарни во животот, и таа е неопходна за да имате добро проживеан живот.
Британскиот автор и интелектуалец Даглас Мареј, во својата последна книга, има краток дел посветен на благодарноста. Тој го затвора овој дел од книгата со зборовите „живот поминат без благодарност не е правилно поминат живот“. Тој го цитира својот покоен пријател, англискиот филозоф Сер Роџер Скротон кој, пишувајќи непосредно пред неговата смрт во јануари 2020 година, истакна „Доаѓајќи блиску до смртта, почнуваш да разбираш што значи животот, а тоа што значи е благодарноста“.
Јас избирам да го живеам животот со благодарност, со секојдневна благодарност за Македонија и за моето македонско семејство и пријателите.
Утре, на 26 мај 2022 година, ќе ја започнам мојата 27-ма година со Македонија.
Со нетрпение ја очекувам. И останувам благодарен.