Поклонување на идолот на демократијата
Во книгата Адолесцент на Достоевски, главниот лик, Макар Иванович Долгоруки вели „Човек не може да живее без да обожува нешто, тој не може самиот да го носи своето бреме. Тоа се однесува на секој човек. Затоа, ако човек се откаже од Господ, тој ќе обожува некој идол од дрво, злато или идеи. Тие што мислат дека не им е потребен Господ во нивните животи, тие се идолопоклоници, и така треба да ги викаме“.
Ирскиот писател и буден набљудувач на состојбите во Америка, Оз Гинис, во својата најнова книга „Магна Карта на Човештвото“ вели дека „Отфрлањето на Господ не може да помине без последици. Тие кои го заменуваат Господ со нешто друго мора да ги понесат последиците. Тие секако мора да стават нешто другото на неговото место, што значи, да го заменат со идол. Овој чин никогаш не поминува без последици, како за поединецот, така и за целото општество“.
Мислам дека не е потребно да редам тука како овој свет - особено западниот свет - го отфрла Господ, и тоа се побрзо и по-отворено по ерата на Просветителството. Постапките зборуваат сами за себе. Но, ако погоренаведеното е точно, а верувам дека е, тогаш, со отфрлањето на Господ, најдовме негови замени - односно, како што вели Долгоруки, замени од „дрво, злато или идеи“.
Гинис смета дека еден од овие лажни идоли е и демократијата.
Доволно е да ги разгледате изјавите на политичарите и културолошката елита за да видите како демократијата станува религија за се поголем број на луѓе.
Погледнете како американските политичари зборуваат за американската демократија - и веднаш посегнуваат по религиозната терминологија. Претседателот Џо Бајден вели дека „борбата за душата на Америка не е завршена“ и дека „треба да сториме се што можеме да ги смениме правилата кои ги бранат срцето и душата на нашата демократија“. Во обид да го смени начинот на кој Американците гласаат, Бајден бара „Да напраиме избори. Можностите се: дали ќе изберете демократија или автократија, светлина или темнина, правда или неправда?“ Спикерот на американскиот Сенат Чак Шумер, демократ од Њујорк, вели дека „Многу, многу е тешко да најдеме зборови да опишеме што се случи денес. Храмот на демократијата беше осквернавен“. Храмот, секако, е место на молитва, но „храмот“ за кој Шумер зборува е зградата на американскиот Капитол. Масовните медиуми се дел од ова идолопоклонство. Весникот „Вашингтон Пост“ се продава под логото „Демократијата умира кога е темница“. Повторно навестување на терминологијата на светлината и темницата.
А имаме и други фасцинантни настани кои покажуваат дека дури тие што го мразат и се противници на комунизмот, се подложни на идолопоклонство. Во мај и јуни 1989 година, кинеските студенти кои беа собрани на плоштадот Тјенанмен, во протест против тиранската кинеска власт, подигнаа десетметарска статуа од гипс и хартија која ја нарекоа „Божица на демократијата“. Резултатите на овие протести ни се добро познати. Не се сомневам дека студентите навистина сакаа да се слободни. Во 2007 година Фондацијата на жрвтите на комунизмот во САД подигна трајна копија на оваа статуа во Вашингтон. Нивната идеја беше да испратат порака до кинеската комунистичка власт, и статуата да биде паметник за стотината милиони луѓе кои загинаа во изминатиот век под комунистичка власт. Но, и тоа е вид на идолопоклонство. „Демократијата“ не е Бог или Божица. Таа е идеја, а како што вели Достоевски, идолите доаѓаат и во вид на идеи.
Што се случува кога луѓето и институциите ја обожуваат демократијата како идол? Мислам дека тоа единствено може да не упати во насока на авторитаризмот, а можеби кон тоталитаризам. Полскиот професор, филозоф и политичар Ришард Легутко во својата книга „Демонот во демократијата: Тоталитарни искушенија во слободните општества“, пишува дека се повеќе можат да се забележат морничави сличности меѓу комунизмот и либералната демократија, односно тоа во што либералната демократија се претвора. Тој посочува дека и комунизмот и либералната демократија инсистираат дека историјата се движи само во една насока, и дека историјата „е на наша страна“. Двете идеологии бараат општествените институции - семејството, верските институции, приватните и доброволните здруженија, да бидат прилагодени на правилата на либералната демократија. Двете идеологии вршат општествен инжењеринг со цел да го постигнат ова. Англискиот писател Џон О'Саливен, поранешен уредник на конзервативното списание „Нешнл Ривју“, пишува во предговорот за книгата на Легутко дека „накусо, како што некогаш се случи со Марксизмот, сега либералната демократија се претвора во сеопфатна идеологија која, под превезот на толеранцијата, не трпи ниту малку несогласување“.
Како што поединци и институции почнуваат да го „обожуваат“ идолот на демократијата, така демократијата оди се подалеку во насоката која ја опишува професор Легутко. Поединците и институциите кои ја прифаќаат оваа нова идеологија бараат се повеќе власт, со која се обидуваат да го преобразат светот согласно нивните желби. Легутко вели дека „И комунизмот и либералната демократија се режими чија цел е реалноста да се смени на подобро. Тие, да употребиме современ израз, се проекти на модернизација. Двете се потхрануваат со вербата дека светот каков што е не може да се трпи и дека мора да биде сменет; дека старото мора да биде заменето со новото. Двата системи многу силно - а би додал и, нестрпливо - се мешаат во општествените нишки и го оправдуваат ова нивно наметнување со аргументот дека тие ги подобруваат нештата така што ги „модернизираат“. Секако, комунизмот уби стотина милиони луѓе само во изминатиот век, бркајќи ја својата утописка визија за „менување на реалноста и нејзино подобрување“. Останува да видиме каде ќе не однесе либералната демократија, ако продолжи по насоката по која што тргнала.
Солжењицин напиша дека многу од невољите кои им попаднаа на Русите се затоа што „луѓето заборавија на Господ“. Многу маки, многу несреќи, ќе му се случат на Западот, не затоа што мажите и жените го заборавија Господ, туку затоа што го отфрлија Господ, и го заменија со идоли, а еден од нив е и демократијата.