
Discover more from Macedonian Content Farmers Podcast
Гордост во вашиот идентитет и други нешта
Мојата последна колумна, Благодарност и добри нешта, ја завршив со навестување дека во следната колумна (оваа што сега ја читате) ќе се фокусирам на повеќе добри вести од Македонија. За момент помислив да пишувам за актуелните настани, но поради густата магла на војната тоа е исклучително тешко - ќе ми треба малку време да размислам за некои нешта и да се фокусирам на иднината, додека во моментов се испиштува историјата.
Да продолжам: за време на мојата неодамнешна посета на Македонија, им забележав на двајца мои пријатели, со кои разговаравме за тоа како изгледаат состојбите во изминатите четири години под влата на СДСМ/ДУИ, дека Македонците ми делуваат загрижени, гневни, помалку и очајни, и сето тоа во исто време. Тие ми одговорија дека, да, можеби сум во право, но во исто време, можно е дека, поради непромислените, незаконски потези на власта на СДСМ/ДУИ насочени против македонското име и идентитет, Македонците всушност се позаинтересирани за својот идентитет, историја, култура и јазик. По овој разговор, му реков на друг пријател - кој е пензиониран дипломат од земја членка на ЕУ и кој поминал доста време во Македонија - и тој ми рече дека го забележал истото. Меѓу другото, ми напиша дека „огромното мнозинство Македонци научија повеќе за нивната историја, идентитет, јазик и култура во овие изминати неколку години туку во минатите децении“.
Ако размислиме малку, ова има логика - и е точно. Македонците - македонскиот идентитет, историја, култура, се под напад во годините на Заев, Ковачевски и Ахмети, можеби и повеќе отколку што беа порано. Поради овие напади и притисоци, Македонците од сите возрасти учат повеќе за своето минато и им помагаат на своите деца да го научат минатото - со цел да го пренесат во иднината.
Неодамна ја завршив новата книга на ирскиот автор Оз Гинис насловена „Големата повелба на човештвото - Синајската револуционерна верба и иднината на слободата“. Ова е извонредна книга и силно ви ја препорачувам. Ќе цитирам поголем дел од пасусот насловен „Пренесување“, во кој, конкретно, се зборува за пренесувањето на културата, спомените и се друго на идните генерации. Во ова поглавје, Гинис претпочита да го употребува зборот „трансмисија“ наместо „традиција“, и за тоа наведува силни причини. Гинис го цитира покојниот рабин Џонатан Сакс (1948 - 2020) кој вели дека „Ако сакате, можете да им оставите на компјутерите да ви најдат разни историски факти. Но не можете да барате од компјутерите да ви ги чуваат спомените. Спомените се неразделно лични. Таа не прави тоа што сме. Ако сакате да го одржите идентитетот, ќе морате редовно да ги обновувате спомените и да ги пренесете на идната генерација“.
Гинис пишува дека „ваквите спомени се неопходни за две нешта: за чувство на идентитет и за постојаност. Без спомените, не би знаеле кои сме или од каде доаѓаме. А на ист начин, колективните спомени на историјата која ја помниме се неопходни за одржување на идентитетот и постојаноста на слободниот народ. Ако ги загубиме спомените и чувството за историја, тогаш наскоро ја губиме и слободата“. Гинис пишува дека „За многу луѓе на Западот, историјата стана суво, далечно и неинтересно место“. Но тој исто така посочува дека рабинот Абрахам Џошуа Хешел (1907 - 1972) забележал дека „најдобриот пророк за иднината е нашето минато“.
Повторно Гинис: „..Евреите имаат едноставно објаснување за нивниот досегашен опстанок - тие инсистираат на тоа колку се важни образованието и трансмисијата. Нивниот идентитет, нивната историја и нивните вредности се пренесуваат надолу од генерација до генерација. Според рабинот Сакс, 'Месопотамците граделе зигурати, Египќаните граделе пирамиди, Грците го изградиле Партенонот, Римјаните - Колосеумот, а Евреите граделе училишта. Затоа уште сме тука'“. Сакс продолжува: „Големите предизици за човештвото се преголеми да бидат решени во една генерација.. А ако за да се направи некоја промена во положбата на човекот е потребна повеќе од една генерација, тогаш образованието станува неопходно“.
Уште еден цитат од Сакс: „...слободата не се добива на бојното поле, ниту во политичката арена, ни во националните или меѓународните судови, туку во човечката фантазија и волја. Потребна ви е армија за да одбраните една нација. Но за да го одбраните слободното општество ви требаат училишта. Потребни ви се семејства и образовен систем во кој идеалите ќе се пренесуваат од една генерација на другата, и никогаш нема да бидат загубени, отфрлени или заборавени. Никогаш нема да најдете подлабоко разбирање на слободата.. ако ја заборавите, ќе ја загубите“.
Знам дека актуелната Влада во Македонија се обидува, преку разни канали, да ја смени македонската историја и да почне да предава крајно погрешна историја во училиштата, но македонската вистинска историја може да се изучува во домовите, на трпезариските маси, додека ги носите децата на училиште, додека сте излезени во паркот и на илјада други начини. Тоа е улогата на родителите, бабите и дедовците, постарите браќа и сестри, роднините, секој ден да се посветат на тоа. А кога ќе имаме нова Влада која ја почитува и ја слави вистинската историја на Македонија, тогаш ќе дојде време да се погрижиме вашата историја одново да се изучува во училиштата.
За време на мојата посета на Македонија, бев во неколку ресторани каде настапуваа музичари кои изведуваа традиционални македонски песни. Моите пријатели им се придружија во песната, како и гостите од соседните маси, што ми го обнови чувството дека ова е навистина еден начин на кој се пренесува македонската традиција. Од еден на друг, од родителот на детето. Време е сите Македонци да си го спомнат минатото и да ја пренесат гордоста во вашиот идентитет на следната генерација.