Каде Стејт департментот греши во врска со името на Македонија
Во оваа колумна, додека влегувам во мојата 27-ма година во и со Македонија, помислив дека ќе се вратам на една честа тема во моето пишување, со цел да се потсетам (себеси и другите) на неколку важни факти.
Ќе почнам со една интересна приказна: Питер Робинсон е американски писател, научен соработник во институтот Хувер на Стенфорд во Калифорнија и поранешен автор на говори за Џорџ Буш постариот, додека тој потпретседател, а подоцна и за претседателот Роналд Реган, почнувајќи од неговиот прв мандат и
низ неговиот втор мандат како претседател. Робинсон води прекрасен подкаст, Невообичаено Знаење, а исто така е ко-основач на конзервативната медиумска платформа Рикошет. Ако сакате да стекнете знаења за низа тешки прашања, побарајте ги неговите емисии.
Во неодамнешниот подкаст со британскиот писател Ендрју Робертс, научив нешто што не го знаев, но чија тема ми беше сосема позната: познатиот говор што претседателот Роналд Реган го одржа во Западен Берлин на 12 јуни 1987 година, во кој Реган го предизвика тогашниот Генералниот секретар на Советскиот Сојуз Михаил Горбачов да го „урне овој ѕид“. Тоа е познат говор, барем на оние од нас кои го презираме комунизмот и злото што комунизмот го создаде (и се уште го создава).
Робинсон, како многу млад говорник во Белата куќа на Реган, го напиша тој говор. Додека работел на говорот, знаејќи дека тоа ќе биде сериозно обраќање на претседателот, Робинсон отпатувал во Западен Берлин и се сретнал со претставници на американскиот Стејт Департмент, како и со локални жители луѓе кои живееле соочени со Берлинскиот ѕид, чудовиште кое ги држело одделени од нивните пријатели и роднини.
Робинсон раскажува приказната како претставниците на американскиот Стејт департмент, на нивните средби со него, го информирале дека на жителите на Западен Берлин повеќе не им е гајле за ѕидот, и дека тој веќе не е проблем
за нив. Тие едноставно се навикнале да живеат со ѕидот.
Робинсон продолжува со опис на средба со пријатели и вечерата со локални жители на Западен Берлин, на која тие му кажале нешто сосем спротивно: дека всушност, ѕидот за нив е голем проблем и сакаат да биде урнат. Таа вечера и тие различни информации постојано се вртеле во умот на Робинсон додека патувал назад во Вашингтон и работел на говорот.
Робинсон раскажува приказната како претседателот Реган добил нацрт-копија од говорот пред Стејт департментот да може да го види, свесен добро дека Стејт департментот нема да сака во говорот да се спомне ни збор за уривање на ѕидот. Но Реган инсистирал сега веќе познатата фраза да остане во говорот, знаејќи, речиси интуитивно, дека жителите на Западен Берлин го мразат ѕидот и сето тоа што ѕидот го претставува. Останатото е историја: говорот беше добро прифатен – и запаметен – и две години подоцна ѕидот падна, од многу причини.
Берлинскиот ѕид не беше само симбол на тиранијата, туку и дел од суровата реалност: луѓе буквално гинеа обидувајќи се да го заобиколат или да се прекачат околу ѕидот во обид да избегаат од советскиот пекол и да имаат некаква иднина во Западна Гермнија, каде што ќе бидат слободни и ќе им се даде можност (без никаква гаранција) за успех во животот.
Насилната промена на името на Македонија во нешто што Македонците никогаш не посакуваа ниту пак го гласаа не е толку смртоносна како Берлинскиот ѕид, но пристапот на претставниците на американскиот Стејт департмент беше и останува сосема идентичен: во јануари 2020 година, актуелниот американски амбасадор во Македонија (чиe име веќе нема да го спомнувам) се обидуваше намерно да претстави лажна слика за тоа како Македонците се чувствуваат за промената на името. Во две интервјуа (овде и овде) таа практично рече: „Јас сум загрижена од обидите да се збунат луѓето за влијанието на Преспа, за тоа што Преспа
значи за нив и што значи за земјата при што ризикуваме да го изгубиме трансформативниот ефект што Преспа имаше. Постои ризик да се збунат луѓето за придобивките што можат да ги имаат, во смисла на создавање нови можности, проширување на регионалната соработка, внесување странски инвестиции и создавање оваа позитивна иднина“. Она што американската амбасадорка ви го порача е да „Престанете да зборувате за тоа и да ја прифатете својата судбина“.
Претходно оваа година, американскиот Стејт департмент, преку Министерството за финансии на САД, издаде и наредба со која суштински порача дека „никој не смее каже Македонија“ и практично претставува закана за санкции против секој што ќе го каже овој збор.
Американскиот Стејт департмент греши за многу прашања во Македонија. Ја помагаше и придонесуваше за присилната промена на името на Македонија – процес кој Македонците не го сакаат – и тоа е една од нивните грешки. Стејт Департментот постојано негира – и сега, денес – дека Македонците можат да решаваат за својата судбина, за нивната сопствена влада, нивниот суверенитет, и место тоа овие одлуки ги носи актуелниот американски амбасадорсо закани од Стејт Департмент и Министерството за финансии. Тоа е не е само погрешно, туку и неморално.
Ќе се навраќам на нешто за што сум пишувал повеќе пати, а што вреди да се покрене повторно: овие функционери на Стејт департментот не се сериозно посветени на припадноста на било која вистинска, суверена нација. Да, претставниците на Стејт департментот се „американски“, односно се американски граѓани и имаат американски пасоши. Но, нивната приврзаност кон Соединетите Американски Држави е и слаба и минлива - тие се сметаат себеси за „граѓани на свет“, што е донекаде заблудено чувство без правна основа - и имаат многу повеќе заедничко со нивните колеги во Париз, Франција, отколку во градот Париз во Арканзас или или Париз, Мисури или Париз во Илиноис. А бидејќи немаат врска со вистински идентитет, сметаат дека и вие не треба да имате таков однос. И кога вие (Македонците или другите) ја изразувате вашата љубов кон вашиот идентитет, кон вашата нација, вашите традиции, историјата, културата, јазикот.., тие се ужасуваат од вас и сметаат дека ова е многу варварски начин на живеење и изразување љубов. И потоа, бидејќи сметаат дека сте варвари, честопати ве третираат како такви. Варварите, се разбира, мора да бидат потчинети и владеени.
А сепак запомнете: и покрај фактот што тие ви се мешаат во Македонија, вие сепак имате контрола врз сопствената судбина како нација-држава.