Кога се нема визија
Во Стариот Завет, книгата Изреки, во поглавјето 29, стих 18, се вели дека "каде што нема визија, луѓето исчезнуваат".
Од библиска гледна точка, авторот на книгата Изреки им кажува на читателите дека без соодветно познавање и вистински однос кон Господ, и водачите и нивните народи ќе тргнат по свој пат, ќе застранат и ќе живеат без контрола. Зборот што се употребува тука, "исчезнува", го користат и еврејските автори за да ја опишат случката со Златното Тело во старозаветната книга Излез; Мојсеј се искачил на Синајската гора, каде зборувал со Господ, а неговиот брат Арон останал задолжен да внимава на еврејскиот народ во подножјето на планината, откако неодамна се ослободиле од египетското ропство. Кога на луѓето им здодеало да го чекаат Мојсеј, тие му рекле на Арон да им направи идол - во овој случај тоа било познатото Златно Теле. Кога Мојсеј конечно се симнал од Синајската гора - со Десетте Божји Заповеди - видел дека луѓето се разуздани - тие практично се "загубиле" себеси. Како што се вели во книгата Излез, "луѓето служеа за потсмев на нивните непријатели".
На некој начин, мислам дека овој цитат може да укаже на важни прашања во односите меѓу земјите. Кога една земја или народ нема визија, тогаш тој народ тргнува по својот пат, бесцелно, загубено, разулавено и без насока.
Мислам дека тоа денес и се случува на Македонија. Во ред, "новата" македонска влада би се спротиставила и сигурно ќе каже дека под нив "влеговме во НАТО и (да проверам) ќе влеземе во ЕУ. Кога тогаш". Првиот дел е точен. Но, за тоа се плати превисока, ужасна цена - душата на народот. Владата вети дека членството во НАТО ќе донесе богатство, престиж и почит. Погледнете околу себе. Дали на Македонците денес им е подобро, финансиски? На некои да, пред се на тие кои ја поддржуваат владата и западните дипломати. Дали Македонија има повеќе почит? Некои од овие западни дипломати може од време на време да ве поттупнат по главата и да ви кажат "добро момче", но знаете дека поради постапките на некои лоши луѓе тука, целата Македонија беше принудена да се откаже од своето име, идентитет и од многу други нешта. За што? Западните дипломати знаат и разбираат дека некој што се откажал од своето име и идентитет не е вистински достоен за почит.
Сега, да се вратиме на ЕУ како дел од оваа "визија". ЕУ, американскиот Стејт Департмент, и, во помала мерка, НАТО, бараат Македонија да ги прифати смешните бугарски барања и да продаде што останало од македонската гордост за да влезете во организација која може и да не постои по 10 или 20 години, или барем да биде суштински видоизменета. Запомнете: и Грција и Бугарија ќе бараат многу дополнителни отстапки при отворањето и затворањето на секое од 30-ината ЕУ поглавја, а ако Македонија не ги прифати нивните барања, тогаш нема да стане членка на ЕУ.
"Визијата" на македонската влада за Македонија во целост се состои од раздавање на македонското име, идентитет, историја, култура и многу друго, на соседните земји. А да, и од отворање на нови трговски центри и потоа нивно затворање во недела, од што единствена корист имаат Али Ахмети и неговата банда. Ниту една земја не станала богата со отворање молови.
Ниту претхдната влада на Заев/Ахмети, ниту сегашната влада на Ковачевски/Ахмети немаа вистинска визија за Македонија. Ако имаа, ќе се фокусираа на вистинските потреби и ќе вложеа вистински напори да ги задоволат тие потреби:функционално владеење на правото и заштита на приватната сопственост, нула толеранција за корупција, грижа за здравството и потребитее на децата во образовниот систем, посветена потрага по странски инвестиции и многу друго. Но, место тоа, тие се нафатија да ја продаваат Македонија на Бугарија во обид да се збогатат себеси - а да ги понижат сите Македонци - во потрага по членството во ЕУ.
Има малку надеж - некои од новоизбранитее градоначалници и градски совети почнуваат да се зафаќаат со реалните потреби не само на градовите туку и на маалата, почнувајќи од најниското ниво - од одржување на патиштата, собирање на сметот, паркингот, малите спорови и илјадници други "ситни" проблеми кои сепак секојдјевно влијаат на животитее на граѓаните. Ова е добра вест. Барем некаде гледаме визија.
Но раководството на државата трча по утописки прашања - "Да, ќе го решиме проблемот со глобалното затоплување ако Македонија се откаже од јаглен и ако секој постави ветерница и соларен панел во дворот" - а забораваат на "помалите" прашања. Затоа не е ни чудо тоа што Македонија е како вејка на ветрот, без цел, без надеж. Ако се сомневате во ова што го пишувам, погледнете ги анкетите и видете како Македонците гледаат на насоката во која се движи Македонија.
Македонија нема да колабира. Сите нема да си заминат. Всушност, познавам луѓе кои се вратиле за да изградат живот тука. Гледам визии за иднината, не само кај новите градоначалници и градски совети, туку и кај луѓето во бизнисот, во образованието, здравството, во уметноста... Гледам дека тие со визија почнуваат пред се од своите семејства. Гледам нови и возбудливи нешта кои се случуваат - убави нешта; но треба да ги барате и да застанете чекор поназад за да ја погледнете поголемата слика - дури и ако владата нема визија, многумина од народот имаат и нивните визии, здружени, можат даа и помогнат на Македонија - и на Македонците - да успеат, дури и додека чекаме да добиеме водачи на национално ниво кои ќе имаат добра и позитивна визија за Македонија.