Албанските политичари во Македонија и нивните лудости
Дојде блесавото годишно време, познато и како изборен период, пред гласањето за претседател и за Собранието на Македонија. Има седум претседателски кандидати пријавени за првиот круг на изборите кој ќе се одржи во среда, 24 април, додека вториот круг е во среда, 8 мај, заедно со парламентарните избори.
Засега сакам да се фокусирам не само на претседателските избори, туку и на партиите на етничките Албанци и нивните претседателски кандидати, и на нивните неодамнешни барања, кои како и обично, се на ставот дека никогаш ништо не им е доволно.
Значи, што бараат албанските политички џамбази сега, што мислат да му испорачаат на нивното гласачко тело? Дали ќе водат кампања за повеќе пристојни работни места, подобро образование за нивните деца, подобра здравствена заштита, подобра инфраструктура, а можеби и на некој тема која не им е толку позната на граѓаните, како на пример, да се направи соодветна енергетска политика чија цел ќе биде да ја направи Македонија енергетски независна (колку што е тоа можно) и ќе се зачува животната средина?
Очигледно не. Тие сакаат - замислете - на етничките Албанци да им се загарантира врвното место во Владата на Македонија. Тие сакаат нешто што е суштински неменлива црта – во ова случај, етничката припадност – да биде единствениот критериум за вршење на врвна функција во Македонија. Не искуството. Не карактерот. Не е визијата за државата и народот која ќе ги стави интересите на сите граѓани на прво место. Ништо од овие работи не ги интересира. За нив се зависи од етничката припадност.
Дали се ова само изборни трикови? Или се сериозни? Мислам дека мораме да ги држиме за збор, како да се сериозни.
Арбен Таравари – кандидат за претседател од таканаречената „албанска опозиција“ прогласи дека „Сега имаме можност заедно да ја зајакнеме консензуалната демократија во Уставот, сега ние можеме да обезбедиме една од трите главни државни функции автоматски да им припадне на Албанците како втор мнозински народ... во Македонија“. (Во врска со овој став на Таравари за „втор мнозински народ“ во Македонија: Знам дека Таравари е лекар, а не математичар, но треба да знае дека не може да има „второ мнозинство“. Има мнозинство, а потоа има малцинства. Тоа не е нечие мислење, тоа е факт, колку и да му е непријатен на некои луѓе).
Добро познатиот Али Ахмети, говорејќи за нивниот кандидат за претседател, рече дека треба да се воведе нова функција - потпретседател на Македонија, и дека и двете функции, потпретседател и претседател, не треба да се избираат преку непосредно гласање на граѓаните, туку во Собранието. Ахмети соопшти дека: „Со Бујар [Османи] го започнуваме најважниот референдум на нашето доба, и ја почнуваме следната битка за стекнување на вашата доверба за да избереме претседател во Собрание, со двотретинско мнозинство и со Бадентерово мнозинство, за така да ја реализираме нашата визија за консензуален претседател“. Што се однесува до Таравари, тој и неговата коалиција исто така сметаат дека претседателот треба да бидат избрани од Собранието, а не од народот.
Овие не се сериозни луѓе. Тие се професионални жртви, кои секогаш тврдат дека етничките Албанци немаат доволно застапеност на јавни функции и секогаш инсистираат на тоа дека Албанците биле угнетени. Никогаш ништо нема да им биде доволно, и никогаш нема да бидат задоволни. Ми доаѓа на ум старата приказна за американскиот бизнисмен и нафташ Џон Пол Гети, кој стана прв милијардер во доларски износ. Кога еден новинар го прашал: „Господине Гети, колку пари ви се доволно?“, Гети одговорил: „Само уште еден долар повеќе“. Никогаш задоволни. Никогаш не е доволно. Нивната политика е политика на незадоволство, завист и гнев. И тоа не е здраво ниту за нив, ни за нивните избирачи, ни за Македонија.
Факт е дека етничките Албанци веќе уживаат целосни права во Македонија, заедно со сите други етнички малцинства во Македонија - групи кои етничките албански политичари се чини дека намерно ги игнорираат. Но всушност, вреди да се спомне дека етничкото албанско малцинство во Македонија отсекогаш било застапено во Собрнаието и во Владата. Можеби, во 1990-тите, нивните претставниците сметаа дека немаат доволно моќ. Во ред. Но, можеби и тие всушност биле слаби законодавци, кои не работеле многу напорно, или воопшто, за да ги унапредат интересите на нивните гласачи. Управувањето со една држава е напорна работа, а гледајќи ги што зборуваат и прават, јас морам да помислам дека тие не се многу вредни работници или многу добри во она што го работат.
Да се вратиме на она го бараат етничките албански гавази на овие избори: и двете партии, ВМРО и СДСМ, веднаш кажаа „не“. И покрај сите нивни многу грешки, јас во најмала рака ќе им оддадам признание на СДСМ дека постапиле правилно со тоа штоим кажале не.
На Македонија – на сите граѓани на Македонија - без разлика на нивната етничка припадност, класа или било која друга одредница и карактеристика – им се потребни како прво лидери, а не избрани шоумени. На Македонците им требаат сериозни поединци на функции кои ќе се фокусираат на политички прашања кои се однесуваат на реалните потреби на луѓето, како што се работните места и економијата, здравството, образованието, инфраструктурата и многу повеќе. Било кој кампањата за било што друго треба да биде отфрлена и исмеана што подалеку од јавноста.