Седење на две столчиња
Македонија неодамна беше домаќин на 30иот министерски совет на ОБСЕ, логистички успех кој вклучуваше делегации од над 50 земји и илјадници делегати, како и нивниот придружен персонал. Деталите потребни за организирањето на ова - салата, обезбедувањето, угостителството, транспортот, според сите информации беа добро организирани и настанот течеше непречено.
Но, на крајот на краиштата, не беше ли ова пример, да употребиме македонски израз, на седење на две столчиња?
Погледнете некои наслови од меѓународниот печат:
Дојче веле: Состанокот на ОБСЕ започна со гнев поради учеството на Русија
Радио Слободна Европа/Радио Слобода: ОБСЕ го отвори Самитот во Скопје во услови на бојкот и критики поради присуството на Русија
Индепендент: Министрите за надворешни работи на балтичките земји се повлекуваат од состанокот на ОБСЕ поради присуството на рускиот министер за надворешни работи
Не бојкотираа само балтичките министри за надворешни работи. Бојкотираа и Украина и Полска, а многу дипломати кои присуствуваа беа бесни што рускиот министер за надворешни работи Лавров присуствуваше, и излегоа од салата кога тој почна да зборува за време на главната седница.
И ова следно е важно, и не само затоа што не го цитирам често Балкан Инсајт:
„….Министерката за одбрана на Македонија, Славјанка Петровска, исто така изрази резерви. Зборувајќи на националниот радиодифузер МРТВ минатата недела, таа рече дека, имајќи го предвид однесувањето на Русија кон Украина во изминативе две години, „не гледам причина за неговото присуство [на Лавров] овде“. Значи, и македонската влада ја критикува… македонската влада?
Кој го охрабри министерот за надворешни работи Османи да го покани Лавров? На Лавров мораше да му се даде специјална согласност за да одлета до Македонија; Бугарија одби да им дозволи на Русите да ја прелетаат нивната територија; сепак, Грција на крај даде дозвола. Во своја одбрана, Османи „ја бранеше одлуката и тврдеше дека на ОБСЕ треба да се гледа како на
неутрален форум“, извести Ал Џезира. Но, тука е чудната работа: Османи, како претседател на ОБСЕ за 2023 година и домаќин на настанот, го покани Лавров да присуствува, бидејќи, како што рече Османи, тоа е неутрален форум. Но, во воведниот говор пред собраните, Османи ја критикуваше Русија, велејќи: „Руската агресивна војна против Украина е во целосна спротивност на сето она што оваа организација го застапува. Војната ја поткопува довербата, дијалогот и нашиот капацитет за дејствуваме“. Веројатно Лавров беше таму кога Османи го кажа ова. (Американскиот државен секретар Антони Блинкен не беше таму, тој долета претходната вечер, имаше неколку состаноци, и потоа замина. Тој не се совпадна во земјата со Лавров ).
И покрај овие коментари на Османи, според Радио Слободна Европа/Радио Слобода, Македонија „се соочи со критики дека направи отстапка кон Москва дозволувајќи му на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да присуствува на состанокот, иако не без критики“. Иако вистината овде е дека Бујар Османи и владата што ја претставува се соочија со критика, а не Македонија.
Како и да ја погледнете целата епизода, ние навлегуваме во чудна ситуација: Балтичките земји, Полска и Украина бојкотираа; Бугарија рече не на прелетот, а Грција рече да. Македонската влада го покани Лавров и беше домаќин на него и неговата делегација. иако некои членови на македонската влада се сомневаа во мудроста на оваа одлука. И тогаш на претседавачот на ОБСЕ за 2023 година и домаќин на конференцијата ги критикуваше Лавров и Русија. Лавров потоа продолжи да му се потсмева на ОБСЕ.
Како организација заснована на консензус, секој мораше да се согласи кој ќе биде претседавачот во 2024 година; Естонија ја поднесе својата кандидатура пред неколку години, но Русија стави вето. Наместо тоа, Малта ќе биде следниот претседавач. Очекувано, Лавров ја критикуваше Естонија велејќи дека Русите во Естонија немаат права; што не е точно – Русите во Естонија ги имаат сите права што ги имаат Естонците и другите малцинства (јас одам во Естонија веќе 30 години, веројатно поминав, вкупно, една цела година од мојот живот таму, и имам многу пријатели од Естонија - тоа е земја и луѓе кои ги познавам и ќе ги бранам).
Целата епизода беше само чудна и незгодна, и не сум сигурен дека Македонија доби пофалби или почести поради неа.