Сакајте ја Македонија
Како Македонците ја изразуваат својата љубов кон Македонија, не само денес, на македонскиот Ден на независноста, туку во текот на целата година?
И покрај проблемите со кои се соочува Македонија во целина, и проблемите со кои можеби се соочувате сите вие како поединци и семејства, како ја покажувате љубовта кон Македонија?
Сигурно сакаш многу работи во Македонија - знам дека сакаш затоа што ми велиш дека ги сакаш. Не доволно често, но од време на време ми кажуваш што е тоа што го сакаш во Македонија. Понекогаш неволно, некогаш отворено, но ми кажуваш затоа што имаш многу љубов за Македонија.
Кога доаѓам во посета на Македонија, секој пат гледам нешто ново - и не само било што, туку нешто добро, нешто многу добро. Гледам нови млади луѓе (и постари!), кои имаат претприемачки дух, отвораат нови бизниси, продавници и ресторани - и тоа со успех. Гледам и уживам во специјализирани продавници и ресторани кои нудат нови вкусови и верзии на древната македонска храна и традициите, кои се стремат да им покажат на посетителите, патниците и Македонците нови начини на јадење и пиење во Македонија. Додека вечерам со семејството и пријателите во ресторани, гледам и слушам како Македонците се впуштаат во старата форма на раскажување – песната – додека пеат стари песни собрани околку трпезата во рестораните низ земјава додека локалната музичка група ги исполнува македонските песни и приказни, кои се пренесуваат од генерација до генерација (ова за жал не е традиција во мојата земја).
Уживам во новите вина и ракии, бидејќи Македонците се почесто го користат еден од најбогатите ресурси во Македонија – грозјето – и го претвораат во нови и вкусни пијалоци, продолжувајќи ја приказната која им ја пренесуваат на Македонците – и на светот – за долгата традиција на правење убави и неверојатни вина и алкохол. И гледам како овие производи се извезуваат низ целиот свет, со што се пренесува и, уште поважно, им се покажува на другите што е Македонија и што Македонија има да понуди.
Гледам како Македонците ја сакаат Македонија и се гордеат со до болка убавите македонски пејсажи, во нивните објави на социјалните мрежи кои му ги прикажуваат многубројните макеоднски убавини на светот како што се Охрид и неговите околни градови и села, Кратово и неговите карпести ридови, многуте планински низи низ Македонија и нејзините природни убавини. Има неколку поединци што ги следам на социјалните мрежи и медиумите кога секој пат кога објавуваат слика од некоја спектакуларна глетка во Македонија, јас едноставно кликнувам на неa за да биде што поголемa на мојот екран, и гледам во неа мислејќи дека сум таму, мирисајќи го воздухот и впивајќи ги погледите. И кога сум во Македонија се трудам да одам на овие места и да ги искусам во моментот.
Гледам како Македонците се радуваат на спортот и на спортските тимови кои, дали победуваат или губат, ја претставуваат Македонија пред светот; некои од моите најубави спомени во Македонија се кога спортска екипа, како на пример ракометниот тим, се враќа по голема победа со трофеј и Македонците излегуваат на улиците во бурни прослави. Истото го гледам и кога Македонците во културните сфери – филмот, литературата и поезијата, и многу други уметности - ги претставуваат нивните занаети и производи низ целиот свет и се славени во светот, кој ете доживеа нешто ново од една стара земја, Македонија.
Покрај сите овие опипливи и видливи нешта што ги гледам, слушам, вкусувам и доживувам, нешта кои ми покажуваат како Македонците ја сакаат Македонија, јас го гледам крајниот доказ за љубовта кон Македонија – семејството.
Гледам како родителите се трудат максимално да ги израснат своите деца правилно, да ги обезбедат и да се грижат за нив, како ги сакаат и ги учат што е правилно а што погрешно, понекогаш во многу тешки околности. Гледам како баби и дедовци, чичковци и тетки, понекогаш и постарите браќа и сестри го прават истото за нив внуци и помали браќа и сестри - затоа што возрасните, во најмала рака, треба да знаат, интуитивно, дека токму овие млади мора да бидат обликувани и обучени така што тие може да пораснат да станат одговорни возрасни луѓе кои потоа ќе основаат свои семејства. И кога ја отвораме темата на Македонија со овие млади луѓе, гледам дека возрасните го всадиле кај нивните млади знаењето и љубовта кон Македонија; бидејќи младите ќе бидат, сакале или не, следната генерација да го носи факелот и пламенот на Македонија.
Додека го славите Денот на независноста, мое македонско семејство и пријатели, се надевам дека и вие сте собрани со семејството и пријателите, и можете да се запрашате како ја сакате Македонија и како ја покажувате својата гордост во Македонија.
Како ти ја сакаш Македонија?