Исклучителни Македонци
Во мојата претходна колумна, Удобно ти е Македонијо? го поставив тоа прашање затоа што сакав знам дали на Македонците им е удобно, или можеби дури се и среќни, со моменталната состојба во земја. Намерно се изразив на овој начин знаејќи дека одговорот треба да му биде очигледен - „не“ - но во мојата анализа оценив дека на Македонците им е удобно со тоа каде се наоѓаат, барем до ниво да не прават ништо во врска со состојбата.
Но, напишав и дека „Македонците во минатото се покажале достојни на задачата. Знам дека ова е вистина поради вашата историја, која што ја прочитав. Македонските херои и хероини застанаа гордо, и се бореа за тоа што е правилно. Некогаш победувале, а некогаш потфрлиле. Понекогаш, со тоа што застанаа исправени и се бореа се, тие ги поставија темелите за идните генерации и идната победа. Некогаш тие постигнаа само делумни победи, но доволни за да продолжат да напредуваат додека не се обезбеди победата“.
Пишував за тоа дека повеќето Македонци (се надевам) ги знаат имињата на главните водачи на Илинденското востание, но потоа прашав: „Ги знаете ли имињата на илјадниците Македонци кои учествуваа во тоа востание?“ Се разбира, никој не може да ги знае сите нивни имиња, но има начин да ги дознаете: Илинденците, мажите и жените кои се бореа во тоа востание и потоа – децении подоцна – конечно добија признание од тогашната македонска влада.
Откако ја прочита мојата колумна, еден пријател ме праша што сакам да споделам со јавноста. Му пишав назад дека нема да откријам ништо спектакуларно, освен фактот дека овие луѓе – Илинденците – кои самите инаку не биле спектакуларни или исклучителни луѓе во нивните животи, успеале да постигнат спектакуларни и
исклучителни нешта.
И тоа ми е поентата: обичните мажи и жени можеле да постигнат исклучителни работи за Македонија, еден за друг, за своите семејства и за идните генерации.
Илинденските сведоштва е збир на над 2,000 досиеа на мажи и жени кои се бореле
во Илинденското востание. Тие подоцна аплицирале, на покана на владата, да ги дадат нивните сведоштва помеѓу 1948 и 1953 година. Како дел од нивната апликација, тие вклучиле биографски податоци за себе и за што се бореле. Владата ги разгледа овие барања, а на прифатените баратели им беше доделена пензија и титула „Илинденци“ - членови на избрана група на национални револуционерни воени херои. Според авторот Кит Браун, „Како конкретен израз на овој статус,
тие добија тешка метал значка од околу четири квадратни инчи (26 квадратни сантиметри), која прикажуваше вооружен поединец поддржан од многу други, опкружен во венец на победа и со натписот „Илинден 1903“. Ова беше Илинденскиот комеморативен медал или споменица, и кампањата медалот да се најде во рацете на мажите и жените ширум републиката вклучуваше масовно производство на текстови кои го раскажува минатото и сегашноста“.
Еден мој пријател Македонец во Америка ми го покажа медалот што го добил неговиот дедо, и тој е вистински потсетник на оние кои биле пред нас и помогнале да се отвори патот за независна и суверена Македонија денес. Гласовите на овие одамна починати мажи и жени раскажуваат убава приказна за инаку неисклучителни луѓе кои постигнале извонредни нешта:
Мате Петров Бошкоски од Крушево потврдува дека „многумина од патриотите биле активни членови на движењето за ослободување на Македонија и вклучени во подготовките на Илинденското востание“. Донка Бучаковска, исто така од Крушево, сведочи дека „нашата цел беше ослободување од тешкото угнетување на турските власти, под кое Македонија и македонскиот народ чмаеа со векови...[Надежта дека ќе ја имаме] првата Народна Република и славното Илинденско востание на македонскиот народ, како и мојот гнев кон нашите вековни угнетувачи, ме поттикнаа да се приклучам на оваа кауза“. Божин Стефанов Илиевски од Битола вели: „пред, за време и по Илинденското востание, помогнав во каузата за ослободување на македонскиот народ“. Ристе Колев Стамболџијовски од Смилево додава: „омразата порасна во мене и копнеев за слобода за нашиот поробен македонски народ“. Конечно Велика Христова Димитрова од Битола тврди „...семејството на мојот сопруг беше револуционерно и активно учествуваше во борби за ослободување на македонскиот народ“.
Како што завршува 2022 година и додека гледаме напред, некои од нас тешко загрижени, додека други со големо исчекување, моја надеж за вас, мои пријатели и мое македонско семејство, е првин да гледате кон Бога, за мир, љубов и
надеж, а потоа кон вашето семејство и пријателите, за љубов, охрабрување и поддршка. И мислам дека ќе се охрабрите ако погледнете кон овие извонредни Македонци од минатото кои ги надминаа тешкотиите, па дури и ропството, за да изградат подобра иднина еден за друг, за нивните семејства и за генерациите што доаѓаат.