28 години со Македонија
За животот минат како среќен воин
Денес е 25 мај 2024 година. Пред точно 28 години, на овој ден, за првпат стапнав во Македонија. Накратко, вака се случи: претходната недела бев во Хрватска по работа. Во САД беше продолжен викенд, а претходно ми беше понудена тримесечна привремена работа во Македонија, со ангажман во Скопје и во Приштина. Веќе една година бев во контакт со еден господин од хуманитарната организација Мерси Корпс, добро се сложувавме, и тој сакаше да дојдам да работам за него. Така, на крајот на моето патување во Хрватска, си реков: „Ајде да одам до Македонија и да ја разгледам земјата“.
На крајот од тој тридневен викенд во Скопје решив да ја прифатам понудата; тоа ќе беше мала тримесечна авантура во Македонија и во Косово, а потоа планот ми беше да се вратам во Вашингтон каде што живеев и работев веќе седум години и да продолжам со мојот редовен живот. Колку смешен и суетен ми изгледа денес тој план!
Се вратив во Македонија на 15 јули за почеток на таа тримесечна авантура, која која сега, 28 години подоцна, можам да кажам дека беше прекрасен, радосен, понизен, животоизменувачки благослов. Благодарен сум за секој момент и не би го менувал за ништо друго. (првичните три месеци се претворија во седум години, од 1996 до 2003 година, а поминав и голем дел од следната деценија во Македонија. Овие денови одам во Македонија околу двапати годишно - се надевам дека ќе ја покачам таа бројка).
Мојата улога во Македонија, како што јас гледам на неа, е прилично едноставна: да давам охрабрување на секого и на сите на кои им треба, бидејќи на сите ни треба охрабрување. Се надевам дека успеав да го направам ова низ годините преку различни активности: со пишување, со нашиот мал документарен филм „Името е име“, направен од талентирана група Македонци и странци, со залагање за Македонија на различни места и начини - со говори, подкасти, личен ангажман со поединци на големи и мали начини, и повеќе. И секојдневно се молам за Македонија, и неделно за многуте луѓе што ги познавам во Македонија.
Мала но релевантна диверзија: писателот Џона Голдберг ја раскажува приказната како во 1991 година сега покојниот судија Роберт Борк седел заедно со покојниот новинар Ирвинг Кристол, и го гледале сведочењето на судијата на Врховниот суд на САД Кларенс Томас пред Конгресот. Во еден момент, бесен на нападите врз Томас од страна на сенаторот Џо Бајден и другите, Борк станал, го исклучил телевизорот, и рекол: „Епа, тоа е крајот на западната цивилизација“. Кристол повлекол дим од цигарата, се потпрел на столот и одговорил: „Па, можеби да, но тоа не значи дека ние не може да живееме добро“. Ја сакам оваа приказна - и покрај сите неволји во светот, имам намера да живеам добро, во рамките на моите можности, и да останам среќен воин.
Што мислам под ова? Едноставно е: светот е во длабока, страшна криза, повеќе од во кое било друго време во историјата; да, може да ги посочите Првата и Втората светска војна како време на многу пострашни кризи, но јас би одговорил дека кризата на денешницата е многу подлабока - таа е духовна криза која има многу поголеми последици. И напредокот на светот не е кон сончевите висорамнини на мирот, туку кон многу потемно место.
А сепак јас избирам – свесно и намерно – да останам расположен, онолку колку што можам, и, уште поважно, да бидам благодарен. А бидејќи избрав да бидам благодарен, јас сум среќен, затоа што ако си неблагодарен не можеш да бидеш среќен. Среќата – задоволството – доаѓа само од благодарноста. Тоа е „среќниот“ дел од изреката „среќен воин“.
Повеќето работи не можеме да ги смениме. Јас немам никакво влијание врз политичките настани во Соединети Американски Држави. Имам мало влијание врз политиката и настаните во мојот посвоен дом - Македонија, што ми ја дава титулата „воин“; се молам, пишувам, подкастувам, охрабрувам. Има уште многу работи што би сакал да ги направам, во, со, и за Македонија и можеби таа можност ќе ми биде дадена во иднина.
Овој ден, сепак, сакам да се осврнам на тие 28 години во и со Македонија и со моето македонско семејство и пријатели. Се гордеам со сите вас. И покрај внатрешните несогласувања и покрај надворешните притисоци; и покрај понекогаш длабоките поделби; и покрај повиците на дел од граѓаните и на бројните меѓународни претставници да се откажете; и покрај војните во соседните држави и војната дома предизвикана од неколку ваши сограѓани, потпомогнати и поттикнати од надворешни лица; и покрај предвидувањата дека државата нема долго да трае; и покрај омаловажувањата од лица во и надвор од Македонија; и покрај сите маки на светот, ти Македонијо преживеа. И не само што преживеа, туку всушност напредуваше. Можеби нема да верувате во ова, но ја гледав Македонија речиси три децении и можам да кажам дека таа денес е подобро место и на Македонците им е подобро отколку што им беше на 25 мај 1996 година, кога првпат стапнав на македонско тло.
И тоа не е ништо. Всушност, ти ме инспирираш, бидејќи кога многумина велеа дека ќе се распаднеш, ќе исчезнеш, ќе станеш ирелевантна и ќе тргнеш по патот на другите држави кои исчезнале од лицето на земјата, ти стоеше цврсто. Вие сте отпорни луѓе.
Негувајте го вашиот борбен дух, иако можеби треба да се обидете да престанете да се карате меѓу себе толку често и покажете малку трпение едни кон други. Да го парафразирам Киплинг, чувајте ја вашата глава и вашата мудрост додека околу тебе, твоите соседи и странците ги губат главите и те обвинуваат тебе. И пренесете ја вашата историја, вашата љубов кон Македонија, вашата култура и сето тоа што го цените на вашите деца и нивните деца.
И ви благодарам што ми дозволивте да бидам дел од вашите животи.