Божиќна молитва за Македонија
Како што страниците на календарот се вртат од 2024 на 2025, со што навршуваме четвртина век во новиот милениум, и додека Македонците се подготвуваат да го прослават Божиќ, би сакал да понудам божиќна молитва за Макеоднија и за Македонците, не само во Македонија туку и низ светот.
Го пишувам ова неколку месеци откако ја објавив мојата последна колумна посветена на Македонија. Оваа пауза се случи не затоа што ми здодеа темата или затоа што не се грижам веќе, ниту пак ми недостасуваше што да кажам. Едноставно, додека се вртеа страниците на календарот во изминатите неколку месеци, сакав да издвојам малку време за да размислам за мојата улога во Македонија во минатото, сега, и во иднина. И дојдов до заклучок дека двете најголеми нешта што можам да ги направат за Македонија, за моето македонско семејство и пријателите е, како прво, да се молам, а како второ, да ги охрабрувам. Се надевам дека со оваа колумна ќе ги постигнам двете нешта.
Годината 2024 можеби беше добра година за вас и вашето семејство, или пак беше година на искушенија и предизвици. Можеби беше комбинација на двете, како што се повеќето години за повеќето семејства и поединци. И 2025 година веројатно ќе ни донесе мешавина на добро и лошо, на успеси и падови, на задоволство и болка, спокој и конфликт. Вистината е дека има малку нешта врз кои што ние имаме контрола, а кои можат да повлијаат врз надворешниот свет и надворешните актери околу нас. Да, имаме можност да работиме, да обезбедуваме за себе и да се грижиме за своето семејство, да бидеме пријатели и добри соседи, добри граѓани на нашата заедница и нација, и да се обидеме да направиме нешто добро за другите, дури и за странците. Но, нашата можност да контролираме нешта понатаму од ова што го наведов е крајно ограничена. За некои, сознанието дека не можат да ги контролираат нештата е извор на конфликт.
Но, за другите, ова е можност едноставно да се препуштат на Бога, да Му дозволат да ги води, и притоа да си обезбедат малку мир. Апостолот Павле, во неговото обраќање до Македонците во Филипи, вели: „се научив да бидам задоволен со тоа што го имам. Знам како да живеам и во сиромаштија и во изобилие. Ја научив таа тајна, па сега секогаш и секаде сум задоволен, без разлика дали сум сит или гладен, дали имам многу или малку. Со силата што Христос ми ја дава можам да издржам секакви услови“. Тајната да биде среќен, да биде задоволен, да биде спокоен и во мир, беше да и дозволи на Божјата рака да се грижи за него. За Павле тоа не значеше дека се во животот мора да му биде одлично. Павле бил камшикуван, тепан, преживеал бродолом, бил гризнат од отровна змија, минувал денови и ноќи на отворено море.. Павле знаел дека Господ нема да го заштити од животните бури, но дека Божјата рака ќе го води кон и низ овие невремиња. Исто е и со нас, особено со тие што сме Верници. Господ не им ветува на Верниците дека ќе им даде лесен живот исполнет со богатство, спокој или постојано добро здравје. На крајот на краиштата, ние живееме во паднат свет, а и самите сме дел од „искривеното дрво на човештвото“, како што велеше Кант. Не, ние сите ќе претрпиме искушенија низ животот, но можеме и мораме да сметаме на Господ дека ќе биде со нас низ сите тие маки.
Па така, мојата божиќна молитва за Македонија и Македонците, за моето македонско семејство и пријатели е, како прво, вие што сте Верници, во новата година да бидете уште поблиски со Господ, Таткото, Синот и Светиот Дух, и тој да му ги препуштите сите ваши маки, грижи, стравови и неволји, и да се потпрете на Него, да ви ја држи раката низ сите искушенија. За моите македонски пријатели и семејство кои не се Верници, мојата молитва за вас е, во новата година да го запознаете Господ, Тој што бил, е и ќе биде, и да Верувате во името на Исус од Назарет, чие рождество го славиме, како Спасител роден да умре за повторно да воскресне.
Ви посакувам мир, сила да му предадете се на Господ и невидени благослови во Новата Година. Среќен Божиќ.