Денеска е 25 мај 2023 година, денот кога одбележувам 27 години со Македонија. На денешен ден, сабота, во 1996 година, првпат пристигнав во Македонија во тридневна посета за да видам дали ќе ми се допадне. Размислував за тримесечен проект во Македонија кој започнуваше во средината на јули истата година. Навистина ми се допадна тоа што го видов и доживеав во тие кратки три дена, и во јули се вратив со намера да останам три месеци, а потоа да се вратам во Вашингтон, каде што тогаш живеев и работев. Тие три месеци се претворија во седум години поминати во Македонија. Но, дури и тогаш, по купувањето дом во земјата на моето раѓање, Аризона, продолжив да бидам поврзан со Македонија, трошејќи голем дел од првата деценија на векот таму. А во изминативе години ја посетувам Македонија најмалку двапати годишно, а некогаш и повеќе.
Би сакал да ја започнам оваа колумна на местото каде што застанав во мојата колумна што ја напишав по овој ист повод минатата година. Ја заклучив со цитат од британскиот автор и интелектуалец Даглас Мареј, кој во својата најнова книга вклучи кус „интермецо“ пасус - како што самиот го нарече - за благодарноста. Мареј го затвори тој дел од книгата пишувајќи „...живот кој се живее без благодарност не е живот поминат правилно“. И така, сакајќи исправно да го проживеам животот, ви го давам моето малку поинакво посветување за оваа годишна колумна, со список на нешта во Македонија за кои сум навистина благодарен.
Но, пред да ги набројам местата, пејзажите, вината и храната, традициите и многу повеќе, ве молам знајте дека навистина сум благодарен за моето бројно македонско семејство и пријатели кои се дел од мојот живот. Навистина, го живеам животот како што треба.
Благодарен за многуте градови, градови и села што ги посетив и во кои поминав убави мигов: Скопје, Тетово, Гостивар, Леуново, Маврово, Струга, Охрид, Куманово, Кратово, Крива Паланка, Крушево, Луково, Берово, Тресонче, Битола, Ѓавото, Македонски Брод, Прилеп, Демир Капија, Валандово, Берово, Дебар, Кавадарци, Неготино, Радовиш, Струмица, Штип, Велес, Ресен, Свети Николе, Гевгелија, Делчево, Крњево, Росоман, Куклица, Горно Соње, Вељуса, Трпејца, Галичник, и веројатно уште неколку што ги заборавам.
Благодарен сум за Македонската православна црква и за верата и богатите традиции во кои сум крстен. Благодарен сум за Верниците од другите верски традиции. Благодарен сум што многу Македонци, чиј идентитет како Македонци е од витално значење, го имаат и вечниот идентитет на Верници. Благодарен за многуте цркви и манастири што ги посетив и во кои се поклонував, а особено онаа во која бев крстен - Св. Јован Канео.
Благодарен сум за многуте природни убавини и пејсажи на Македонија во кои поминав време, вклучувајќи долги или кратки посети, со планинарење, пливање или пловење на: сите предели на Водно, кањонот Матка, националниот парк Маврово, националниот парк Пелистер, Шар Планина, Охридското езеро, езерото Преспа, Дојранското езеро, Тиквешкото, Беровското езеро, бројни историски локалитети, при што веројатно, повторно, заборавам некои места. Благодарен сум за патешествијата моз Македонија и се надевам, во иднина, да направам уште многу повеќе.
Благодарен сум за македонското грозје кое произведува толку неверојатни вина и ракии! Благодарен сум за Вранец, Кратошија, Станушина, Плавец Мали, Темјаника, Жилавка и секако - Смедеревка! Благодарност за лозарите и винарите чија грижа и занает произведува македонски вина, и благодарност за македонската мастика и ракија (особено домашната ракија), ладното Скопско во лето и топлата ракија во зима.
Благодарен сум за македонската храна, секогаш толку добра, толку свежа, толку вкусна...скара (во сите нејзини форми), салатите како мојот омилен таратор (без лук), ајвар (благ, ве молам!), пастрмајлијата, ќебапите, увијачите, толку многу вкусни видови сирења (особено кога се пржени или на скара), свежиот леб и друго (и пред да забележите дека рибата е недостасува, да знаете дека сум алергичен на риба).
Благодарен сум за македонската историја која ме научи многу, не само за Македонија и за регионот, но и за мојата земја. Постои изрека која вели дека ако познавате само една земја, вие не познавате ниту една земја. Благодарен сум што знам, навистина знам, други земји покрај сопствената земја и што, освен од Македонија, добро познавам уште неколку земји.
Благодарен за македонската музика и уметност кои се дел од мојот дом во јужна Аризона. Благодарен сум за македонскиот спорт и, иако не сум голем спортист, особено уживам кога гледам како, на пример, македонската ракометна репрезентација постигнува големи победи.
Благодарен сум за моите сврталишта како Наџак во Дебар Маало, каде можам да одам и да се разладам со пријателите, знаејќи дека ќе добијам одличен оброк во прекрасна македонска атмосфера и дека ќе се чувствувам како да сум дома.
Благодарен сум што можам не само да им кажам, туку и да им покажам на другите ширум светот за Македонија во мојот написи, говори, во документарен филм и друго.
Кога – не ако туку кога – ќе се најдете потиштени во животот, од која било причина, направете си услуга и почнете да набројувате нешта за кои сте благодарни. Ви гарантирам дека вашиот став и поглед на нештата ќе се сменат и дека, прилично брзо, ќе почнете да имате многу попозитивен, и ќе се осмелам да речам, посреќен, поглед на животот. Обидете се - затоа што благодарноста ве воздига.
Во овие 27 години јас пронајдов убавина, авантура, знаење, мудрост, сила, трпение, цел, мир, вистина, љубов и пријателство и многу повеќе во Македонија. И за тоа сум благодарен.