Продавачи на лимонада во Македонија
При неодамнешната посета на Македонија, наидов насцена која не сум ја видел досега, во моите 28 години поминати во и со Македонија: група деца, на околу 10, 11 години, поставиле штанд за продажба на лимонада на улица во скопската населба Карпош, каде продаваа пијалоци - сок од боровинки и вода. Кај нас ваквите штандови за лимонада се добро познати - како импровизирани, улични „поп-ап“ продажни места каде децата можат да заработат малку пари. Оваа продавница во Карпош се состоеше од три дрвени палети додека децата седеа зад „касата“ - дрвена даска ставена над палетите, на која беа наредени нивните продукти. На сите страни од оваа имрповизирана продавница рачно беше напишана понудата, на македонски и на англиски, со цени и со име за продавницата A-Food. Имаа дури направено и лого. Умни деца.
Искрено, се одушевив. Како прво, затоа што не гледаме често пати млади деца во Македонија да преземат иницијатива и да направат нешто вакво. Зад оваа продавница имаше приказна, приказна за личната иницијатива, за капитализмот (не, капитализмот не е срамен збор). Овие деца ги преземале нештата во свои раце, купиле шишиња со сок и вода од продавница (или можеби ги собрале од фрижидерите на нивинте родители!) и ги продаваа. За профит. Наплатуваа 15 денари за мали пластични чашки со сок или вода. Им дадов 35.
По оваа глетка, заминав исполнет со надеж, која изминативе денови не само во Македонија туку и низ светот ја нема во изобилство. Овие деца можеа да го поминат летото возејќи се на нивните велосипеди, играјќи спортски или компјутерски игри, или пак зомбифицирано да гледаат телевизија. Но не, тие беа надвор, другари од училиште, собрани да направат нешто продуктивно, нешто креативно, нешто корисно.
А сега да ви го раскажам остатокот од приказната.
Следниот ден, додека се уште бев под импресии од децата, му раскажав на македонски пријател за тоа што го видов, и му реков дека можеме да одиме заедно, да им ја видиме продавницата. Сакав и тој да ја види оваа иницијатива, и самиот да се охрабри. Групата деца веќе не беа таму, туку само едно дете беше на смена во штандот за лимонада, со истите знаци и понуда.
Мојот пријател го праша детето од каде ја добиле идејата за овој бизнис. Детето му кажа дека тој и неговите другарчиња решиле да продаваат сок затоа што сакале - внимавајте - да соберат пари за сиромашните. Виделе дека во нивното маало има сиромашни луѓе, а ги виделе и кутиите за донации во маалската продавница, каде што може да се остават неколку денари за луѓето кои се помалку успешни од нас. Децата решиле да отворат штанд за лимонада и да се обидат да му помогнат на некого. Му дадов 100 денари за чашата сок, а и мојот пријател исто така даде добар бакшиш, и му честита на детето за иницијативата.
Овие деца веројатно беа од средната класа: откако си отидовме, пријателот ми забележа дека детето носеше обична облека, со стари патики и со обичен велосипед каков што има било кое 10 годишно дете. Стандардни работи, ништо екстра.
Се надевам дека низ Македонија има и други деца кои се ангажираат на слични добротворни постапки, и од тоа учат вредни лекции. Знам дека мора да ги има бидејќи низ Македонија има многу добри родители кои ги воспитуваат своите деца како што е ред. Решен сум при моите идни посети да слушнам за други вакви иницијатива, ако ништо друго, барем за да си ја окуражам душата.
Како што се охрабрив тој ден во Скопје, така сум охрабрен и сега, додека го пишувам ова. И мојот пријател се окуражи и им раскажа што видел на неговите деца. Се надевам дека малите продавачи останаа посветени и го искористија доброто време да продолжат да им прават добро на другите, како и да научат важни лекции за себе: како прво, дека можеме да најдеме радост во помагањето на другите. Второ, дека треба да научиме да преземаме одговорност, да научиме некој занает (и продавањето е занает), и да заработиме нешто. Честитки до родителите што воспитале толку умни деца. Се надевам дека ќе пораснат во честити луѓе, добри мажи и татковци и дека и тие, како и безброј генерации пред нив, ќе бидат генерацијата на водачи кои и се потребни на Македонија.