Бидете силни
Повеќето Македонци се изјаснуваат како православни христијани. Низ македонските градови, градчиња и села се издигнати стотици цркви и манастири, што ја потврдува вашата вера. Многу од нив се стари стотици години, па и повеќе, и сведочат за традицијата, културата и верата на Македонците низ вековите. Тоа сознание ме успокојува и ме повикува на размислување.
Додека Македонците се подготвуваат да го прослават Божиќ, дозволете ми да ве потсетам на зрно мудрост од Стариот Завет. Во Исаија 7:9 пишува: „Ако не стоиш цврсто во својата вера, нема воопшто да стоиш.” За овој стих има подолга предисторија, која се наоѓа во Втората книга цареви, поглавје 16. Таму читаме дека кралот Ахаз од Јудеја бил нападнат од здружените сили на кралевите на Израел и на Арам (Сирија) (во тоа време еврејскиот народ бил поделен во две држави, Јудаја и Израел). Јудејскиот крал Ахаз бил исплашен, но стариот пророк Исаија му донел порака на надеж: Исаија му кажал на кралот Ахаз дека нападот врз Јудеја нема да успее, велејќи: „Бидете внимателни, смирете се и не плашете се… не губеме срце“.
Меѓутоа, кралот Ахаз се исплашил. Тој не ја послушал мудроста на Исаија, кој впрочем зборувал во име на Господ Бог. Па така, кралот Ахаз се здружи со злиот крал на Асирија Тиглат-Пилесер. Иако Тиглат-Пилесер бил туѓински крал кој почитувал туѓи богови, кралот Ахаз му дал злато и сребро од ризницата на Јудеја. Потоа му рекол: „Јас сум твој слуга и вазал. Дојди и спаси ме од рацете на кралот на Арам и од кралот на Израел, кои ме нападнаа“. И тогаш кралот Ахаз го посетил кралот Тиглат-Пилесер во неговиот главен град, Дамаск. Таму, кралот Ахаз го видел жртвениот олтар на кој Тиглат-Пилесер им принесувал жртви на своите богови. Кралот Ахаз се восхитил од олтарот и направил копија во својот храм, со што го прекршил заветот што го дал на Бога.
На Почетокот на Втората книга Цареви, поглавје 16, се вели (стихови 2 и 3): „Ахаз имаше дваесет години кога стана крал, и царуваше во Ерусалим шеснаесет години. За разлика од неговиот татко Давид, тој не беше исправен во очите на Бога. Ги следеше обичаите на израелските кралеви, па дури го жртвуваше својот син во оган, според одвратните обичаи на народите што Господ ги истера пред Израелците“.
Некои кралеви на Израел и Јуда биле добри, а некои лоши. Исто како ние модерните луѓе и нашите водачи.
Но, тука е потребен наш ангажман. Ние не сме принудени да ги следиме обичаите на светот; ние имаме избор што ќе се случи. Можеме да избереме да стоиме цврсто во одбрана на она што знаеме дека е вистинско, искрено, праведно, чисто, мило и добро и со тоа да стоиме цврсто во одбрана на верата. Или можеме да го отфрлиме она што е вистина, искрено, праведено, чисто, убаво и добро и притоа да потклекнеме.
Овој Божиќ, се надевам дека ќе размислите за овие работи: за она што е вистинско, искрено, праведно, чисто, убаво и добро. Размислете за тоа што значи раѓањето на Исус Христос за вас како поединци, и за човештвото. А потоа размислете за другиот празник што ќе го славиме за неколку месеци од сега – Велигден – и за смртта, а потоа и воскресението на Исус Христос и што значи тоа за вас како поединци, и за човештвото.
И запомнете: ако верувате и останете цврсти во својата вера, тогаш добро ќе го проживеете својот живот. Не велам дека ќе имате материјални богатства и благослови или дека вашиот живот ќе биде без проблеми, но ќе го имате најголемиот дар од сите - Божјата љубов и мир. И тоа вреди повеќе од можете да замислите.
Среќен Божиќ, Македонијо!