Среќен Ден на независноста, Македонијо! Поминаа 33 години од тој прекрасен ден, 8 септември 1991 година, кога Македонците го потврдија своето право да формираат независна, модерна, национална држава. Патот не беше лесен, а работата никогаш не завршува, но искористете го ова еден ден (или, бидејќи е викенд, овие неколку дни) да се осврнете на постигнатото.
Она што сте го изградиле до овој момент не е само ваше дело, само ваш успех. Македонија ја изградија тие пред вас. И ќе продолжат да ја градат оние кои доаѓаат по вас. А на вас – сегашната генерација – и останува да се уверите дека и другите генерации – оние кои беа пред вас и оние кои ќе дојдат по вас – можат да го дадат својот глас за тоа што го правите денес и утре. Вашите предци и оние кои допрва треба да се родат имаат право на глас во управувањето со денешницата.
Англо-ирскиот државник и член на британскиот парламент Едмунд Бурк (1729-1797) е познат по следниот цитат од неговото дело „Осврти за револуцијата во Франција“ - Бурк вели дека постои спогодба меѓу генерациите: „Општеството е навистина договор… Државата… е … партнерство не само меѓу оние кои се живи, туку меѓу оние кои се живи, оние кои се починати и оние кои допрва треба да се родат“. Со други зборови, секоја сегашна генерација е одговорна за минатите генерации, и за оние кои допрва доаѓаат.
Ако ова е вистина - и мислам дека по кусо размислување секој мислечки човек мора да дојде до истиот заклучок – значи дека минатите генерации Македонци, заедно со генерациите на Македонците кои допрва ќе се раѓаат – имаат и право на глас во која насока ќе оди Македонија. Секако, ова не значи дека мора да живееме врзани за минатото или да сонуваме за иднината. Но, мораме да ги имаме и двете во предвид.
Да почнеме со минатото, со оние кои биле пред нас. Тие ни оставија традиции и јас знам, од моите речиси 30 години во и со Македонија, дека Македонците ја сакаат својата традиција. И, како што економистот и писател Рас Робертс вели на темата на традицијата, „Понекогаш старомодното е посилно од новосмисленото“. Британскиот писател Т.С. Елиот (1888-1965) придонел многу на темата традиција и политичка свест. Англискиот филозоф и писател Роџер Скрутон (1944-2020) пишува за Елиот и неговите размислувања за традицијата и вели дека „….традицијата е живо суштество, и како што секој писател се оценува според она што било порано, така се менува и значењето на традицијата, бидејќи на неа се додаваат нови дела“. Со други зборови, ние ги продолжуваме нашите традиции, иако со текот на времето ги надополнуваме.
Традициите се дел од нашата култура, а „целта на културата“ е, да продолжиме да го цитираме Скрутон, „да се задржи она недостижно нешто наречено сензибилитет: навиката за правилно чувство. Варварството надоаѓа не затоа што луѓето ги изгубиле своите вештини и научени знаења; ниту пак се спречува со задржување на тие работи. Варварството надоаѓа преку губење на културата, бидејќи само преку културата важните реалности можат вистински да се согледаат“.
Значи, да резимираме, оние кои биле пред нас ни дадоа традиција која е дел од културата, а културата е неопходна за сензибилност или правилно чувство или правилно живеење и е неопходна да се избегне не само варварството, туку и распадот на општеството.
Повторно, Скрутон: „Бурк имплицираше дека само оние кои ги слушаат починатите се достојни чувари на нероденото... Најважното нешто што идните генерации мора да го наследат од нас е културата. Културата е складиште на искуство кое е истовремено локално и безместо, актуелно и безвременско, искуството на заедницата осветена од времето. Ова го пренесуваме само ако и ние сме го наследиле. И затоа, мораме да ги слушаме гласовите на мртвите“.
Дали го слушаш гласот на минатото, на мртвите? Тие се бореа, се жртвуваа и крвареа, и умреа за Македонија, за да можат генерациите по нив – вклучително и твојата генерација денес - да продолжат со своите традиции и култура и сето тоа да го пренесат на следната генерација, на неродени генерации, така што, со текот на времето, тие неродени генерации ќе го пресликаат на уште повеќе идни генерации она што го наследија од вас, оваа сегашна генерација.
Среќен Ден на независноста, Македонијо и за уште многу години!