Гоце Делчев: Македонски патриот и херој
Во сабота, 4 февруари, ја одбележуваме 151-ата годишнина од раѓањето на македонскиот патриот и херој Гоце Делчев. Гоце, кој сега почива во црквата Св. Спас во Скопје, е запаметен од Македонците од сите општествени слоеви, поради неговиот придонес за долго очекуваната независноста на Македонија како суверена држава.
Исто така, присутни во сабота, на 4 февруари, лично како и на платформите на социјалните мрежи, ќе бидат разни Бугари кои тврдат дека Гоце Делчев е бугарски херој и го повторуваат истото уморно и очигледно лажно тврдење дека Македонците „всушност се Бугари“ и дека македонскиот јазик „всушност е бугарски јазик“.
Сите сме изморени од нивните лажни тврдења и изјави. Но, како човек посветен на слободата на говорот, морам да се согласам дека тие имаат право да ги изнесуваат своите лажни тврдења.
Меѓутоа, проблемот е во тоа што не се работи само за зборување. За многу Бугари, вклучително и за многумина во редовите на бугарската влада или меѓу бугарските европратеници, целта е буквално да ја уништат секоја помисла кај Македонците за тоа дека се... Македонци. Тие ја користат нивната моќ, привилегиите и влијанието како членка на Европската унија, и ќе продолжат
да го оспоруваат секој обид на Македонија и на Македонците да полагаат право на свој, одвоен, единствен идентитет и историја. Бугарската влада ќе продолжи да го користи процесот на пристапување кон ЕУ како средство за да извлече што е можно повеќе отстапки од Македонија за да и „дозволи“ на Македонија да напредува кон она недостижно членство во клубот на ЕУ, нешто за што Македонија се квалификуваше да го започне уште во 2005 година – пред речиси две децении.
Како што напишав пред неколку години, „обидот на Владата на Бугарија да го диктира минатото во сегашноста е обид да ја преземе иднината на Македонија“. Исто така, забележав дека ова докажува нешто за човечката природа: ако правите отстапки пред една уцена, поттикнувате натамошни уцени. Сегашната Влада на Македонија веќе докажа дека е отворена – и доста спремна – да прави отстапки.
Ако тоа го направила еднаш (со Грција), значи дека е подготвена да го направи и двапати (со Бугарија). И трет или четврти пат ако е потребно (Бугарија секогаш ќе бара „уште една отстапка“, а и Грција ќе се врати во игра, порано или подоцна, барајќи повеќе). И сегашната Владата на Македонија ќе продолжи со овие отстапки додека нема да остане ништо да се даде. А во меѓувреме, овие отстапки ќе продолжат да ја деморализираат Македонија и Македонците, нешто што Бугарија – и Грција – го посакуваат. И како што го прават тоа, ќе добиваат аплауз од западните транснационални елити, пред се од американскиот Стејт департмент и од апаратчиците на ЕУ кои навистина не се грижат за ништо, од едноставна причина што овие елити знаат само како да практикуваат моќ. Тие немаат авторитет затоа што не се потрудиле да го заработат (нешто што ќе пишувам наскоро). Тие секој проблем го гледаат како шајка, а тие се чеканот.
Македонскиот претседател Стево Пендаровски во декември изјави дека не постои опасност од тоа Македонец да легне една вечер како Македонец, а да се разбуди следното утро како Бугар. И тоа е точно бидејќи за таквите промени е потребно долго време. Но, тие промени се случуваат. Можно е идентитетот да се промени – или да исчезне – со текот на времето. Се сеќавате на Етрурците? Можеби сте читале за нив во историските книги, но тие повеќе не постојат.
„Па добро, за тоа биле потребни векови“, можеби ќе кажете. И ќе бидете во право, навистина биле потребни векови за тие и нивниот идентитет да бидат избришани од лицето на земјата. Но, тој процес почнал од некаде, во одреден момент во времето.
Тоа е тоа што Бугарите се обидуваат да го направат со, меѓу другото, инсистирањето на „заеднички културни херои и настани“. Тоа ќе биде почетокот. Но, крајот на играта е да се искорени македонскиот идентитет. А на меѓународната не и е грижа за ова од неколку причини, прво, затоа што тие не се грижат за прашањето на идентитетот (тие се „граѓани на светот“ - што е измислен израз) и второ, затоа што знаат дека процесот ќе потрае многу време, а дотогаш сите тие ќе бидат одамна мртви и заборавени, па зошто воопшто да се грижат?
Мои пријатели Македонци: никогаш не очекувајте од меѓународната заедница (особено не од Стејт департментот на САД и од ЕУ) дека ќе ја направат вистинската работа: тие не се способни да го сторат тоа бидејќи им недостига доблест. О, тие имаат „вредности“, но немаат доблест (ќе пишувам и за разликата меѓу овие термини).
Но, назад на Гоце Делчев.
Овде нема да навлегувам длабоко во историјата и да извлекувам негови минати изјави или записи. Затоа што историчарите, наставниците и другите можат да дебатираат за овие работи по цел ден.
Суштинската поента е следното: Македонците го слават Гоце Делчев како македонски херој, кој е од витално значење за евентуалното формирање на независна национална држава Македонија. Последното почивалиште на Гоце Делчев е црквата Свети Спас во Скопје, место кое го имам посетено неколку пати. Гоце Делчев е еден од четворицата луѓе спомнати во македонската химна. Градот Делчево е именуван по него. Македонските ученици учат за него и неговата важност за нив, како Македонци.
Запомнете го сето ова додека го славите Гоце Делчев, македонскиот херој и патриот. Научете ги вашите деца и внуци на ова. И негувајте го споменот на Гоце.