Неопходноста на традицијата и симболите
Попладнето на 8 септември летав кон Вашингтон на два дена, за приватни средби, а како бонус - да се сретнам со пријател Македонец и да ја прославиме независноста на Македонија.
Меѓутоа, штом го вклучив телефонот по слетувањето, од македонски пријател ја добив веста дека починала кралицата Елизабета Втора. Веста ми дојде по малку како шок, иако претходно дента видов дека кралицата е под лекарски надзор. Очекував да слушнам дека состојбата и се влошила, но не и најлошата вест.
Јас сум англофил. Всушност, првите три години од мојот живот ги поминав во Обединетото Кралство (иако сум роден во Аризона) каде што татко ми беше стациониран за време на Виетнамската војна, во Кралската воздухопловна база Лакенхит во близината на Лондон. Оттогаш сум бил во Британија многу пати, а како вљубеник во историјата, знам дека историјата на мојата земја, Соединетите Американски Држави, на многу начини е испреплетена со историјата на Обединетото Кралство. Благодарен сум им на нашите британски братучеди за многуте традиции, закони и обичаи (да не зборуваме за јазикот) што го ни оставија во аманет.
Е сега, да прејдам на главното: знам дека дел од Македонците не го сакаат Обединетото Кралство, британската монархија или покојната кралица. Тоа е нивно право, иако јас верувам дека многу грешат, од причини на кои нема да се осврнам во оваа колумна. Оние кои беа гневни на кралицата, би ги потсетил дека таа беше мајка, баба и пра-баба и дека нејзиното семејство тагува по неа. Јас ја изгубив мајка ми во јули, по долга битка со Алцхајмерова болест. Знам како е да се изгуби мајка, знам колку боли. Кралицата избра да биде кралица и да биде цело време изложена, низ нејзиниот долг живот, на обврски, должности, жртвување и почести при што покажуваше понизност и здрава доза на хумор кон самата себе.
Сето ова настрана, како американски конзервативец можам да го ги кажам моите аргументи за продолжување на британската монархија, која е вкоренета во традицијата и симболизмот. Иако го претпочитам нашиот републикански систем и рамка на владеење, му се восхитувам на британскиот модел – со монарх како шеф на државата, премиер како шеф на владата и Парламент одговорен пред народот – затоа што системот е соодветен на потребите на британскиот народ и е вкоренет во неговата историја. И е исклучително популарен меѓу Британците и кај многумина во Комонвелтот.
Традицијата на британската монархија датира повеќе од 1.000 години. Ако ја дефинирата традицијата како нешто што трае многу долго, тешко е да се најде друг еднакво стар систем кој се уште функционира денес. Британската монархија е линија, нишка ако сакате, која ги обединува многуте аспекти на британската историја заедно и не доведува до сегашниот момент.
Кралицата Елизабета беше - и останува - симбол на Обединетото Кралство. Нејзиниот лик може да се види на поштенските марки, банкнотите и насекаде низ целата земја и низ Комонвелтот, иако сето тоа ќе се смени сега со ликот на новиот крал Чарлс Трети. Асимболите, како и традицијата, се од витално значење за еден народ, за една нација. Тргнете ги симболите и традицијата и одземете дел од луѓето и од нацијата. Македонците од болно искуствознаат дека ова е точно (еве една одлична статија, напишана од Англичанец со православна вероисповед, токму по тоа прашање).
(По починувањето на кралицата, гледав бројни црковни служби во деновите на жалост за Нејзиното Височество и една работа ми беше многу очигледна – дека разните епископи, членови на црковното свештенство и други верници го користеа името Божјо и вербата во Бога и Неговиот Син Исус Христос затоа што токму во тоа веруваше и кралицата, и на тоа учи и го проповеда Англиканската црква. И си помислив: ова е неверојатно – името на Бог се прогласува низ целиот свет - за Исус зборуваат дури и телевизиски водители! Како православен христијанин, верувам дека сите христијани ширум светот - православни, протестанти, католици и надвор од деноминираните цркви - треба да се се радуваат на ова).
Значи, традицијата е неопходна, а би рекол и витална, за правилно уредување и функционирање на едно општество, на било општество. Ако мислите дека традицијата е неважна, тогаш ве повикувам да го разгледате примерот на француската револуција; нејзините револуционери решија дека сите француски традиции – почнувајќи од монархијата и црквата, треба да биде изгорена до темел. Тие дури и го променија сопствениот календар. И што добија за нивните маки? Смрт, бедата и Наполеон, кој на свој начин, со неговите војни, создаде повеќе смрт и беда. Како Робеспјер и неговите француски револуционери, таканаречените „шарени револуционери“ во Македонија, исто така, се обидоа да срушат се околу себе и да го почнат општеството одново. И што добивте денес во Македонија како резултат на нивните постапки?
Повторувам, традицијата е неопходна, витално важна, за правилно уредување и функционирање на едно општество, а Македонците имаат многу традиции, почнувајќи, според мене, од Македонската православна црква. Има многу други традиции во Македонија: историјата на Македонија со нејзините херојски настани, песни, поезија, литература и кулинарски традиции кои сведочат за тоа кои се Македонците и што е Македонија. Можете да ги наведете своите македонски традиции, но факт е дека сите овие традиции се од витално значење за постоењето на Македонија како нација и на Македонците како народ.
Продолжете ги вашите традиции и симболи. Научете ги вашите деца и вашите внуци за тие да ги пренесат на децата што допрва ќе се родат. Негувајте ги вашите традиции и симболи имајте и вратете ги оние што ви се привремено одземени. Можете да го сторите тоа. Морате да го сторите тоа.