„Херои“ (не само за еден ден)
Песна „Херои“ на Дејвид Боуви (напишана во 1977 година) наводно била инспирирана од глеткат на двајца вљубени како се бакнуваат пред Берлинскиот ѕид. Текстот, кој Боуви го напиша заедно со Брајан Ино (член на раните Рокси Мјузик) го содржи овој незаборавен рефрен:
Можеме да ги победиме, само за еден ден
Можеме да бидеме херои, само за еден ден
Според биографот на Боуви, Џејмс Перон, „песната, во својата суштина, претставува две спротивставени сили: љубовта на двојката еден кон друг и чувството дека Берлинскиот ѕид ќе ги раздели“. Во таа смисла, песната е приказна за љубовта, трагедијата и желбата да се промени или предизвика таа трагедија.
Ова го кажувам поради една неодамнешна размена на мислења во Твитерсферата. Еден македонски корисник зборуваше за потребата од „нов национален херој“, поради актуелните барања на Бугарите (помогнати и поттикнати од американскиот Стејт Департмент и институциите на ЕУ), како и поради фактот дека актуелната влада на ДУИ/СДС продолжува да попушта пред ваквите барања и понижувањата кои го придружуваат сето ова лудило. Друг Твитер корисник потоа го постави природното прашање: „Кој би бил тој херој?“ на што јас одговорив, прилично брзо, „Мислам дека хероите треба да бидат - можат да бидат - Македонците кои ги игнорираат ставовите на нивната влада и она што таа го прави, и се борат да го вратат тоа што е нивно - ги учат своите деца и внуци дома, во црква, каде и да е, за вистината за Македонија“.
Ова е тема за која пишував претходно. Во колумната насловена „Учи ги своите деца, Македонијо“ напишана пред само четири кратки години, во февруари 2019 година, напишав „Мораме да предаваме историја не врз основа на она што е модерно, туку на она што е важно... Ако заборавиме што сме направиле, нема да знаеме кои сме. Предупредувам на искоренување на македонската меморија што, на крајот, може да резултира со ерозија на македонскиот дух… Наставата и образованието на децата во Македонија започнува дома. Но, таа не завршува тука. И секако Македонија има многу прекрасни и посветени наставници и воспитувачи и администратори кои ќе направат се што можат за да се спротивстават на владините барања. Овие жени и мажи се посветени, ја сакаат Македонија и ги сакаат децата на Македонија. Но, во годините што следат, ова ќе биде работа за сите оние кои се одговорни за децата на Македонија – почнувајќи од родителите, бабите и дедовците, постарите браќа и сестри, чичковци и тетките и други. И ова учење можеби ќе треба да се случи после училиште и за време на викендите во неформални здруженија или групи надвор од дофатот на владата…. Научи ги своите деца, Македонијо. Негувајте ги и охрабрувајте ги и подгответе ги за иднината и битките допрва доаѓаат. Време е да се врати иницијативата“. Со оглед на тоа што се случува во македонските училиштата деновиве (со наставната програма и недостатокот на било какви учебници), ова е релевантно денес.
Во март 2019 година, во друга колумна насловена „Македонски завет“ напишав: „Еве како ова може да функционира: Страните кои ќе го дадат заветот би биле, едноставно, Македонците; заветен договор меѓу Македонците – Македонците во Републиката, Македонците во Грција, Македонците во Бугарија, Македонците во Албанија и секаде на друго место каде што Македонците живеат ширум светот. Во суштина тоа би било залог и ветување еден на друг: меѓусебно да се охрабруваат да ги поддржуваат Македонија и Македонците до тој степен што секој поединец кој има способност и ресурси и да ја поддржи самата душа на Македонија – тие ставови, тој дух, оние нешта што ја прават Македонија единствена во овој свет. Тоа би било, на некој начин, повторно откривање: тоа би повлекло обновено разбирање и почитување и афирмација на добрината на Македонија и на Македонците. Тоа би подразбирало преземање на активности: едноставните, или понекогаш не толку едноставните, но потребни работа и активности кои ја прават Македонија она што е“.
Ова горенаведеното ја налага потребата Македонците да се засилат и да ја завршат потребната и неопходната работа. Притоа, треба да се потсетиме на зборовите на Крсте Мисирков кој, во „За Македонските Работи“, напиша дека „Целосната политичка слобода е безвредна ако човек не дојде до сознанието дека неговиот човечки долг, неговиот долг кон својата земја и својот народ, е работа, работа и многу повеќе работа.”
Сега, повлечете се за момент и размислете за вашите лични херои. Тие сигурно можат да ве инспирираат затоа што, во вашите очи тие постигнале нешто големо, или кажале или напишале нешто длабоко, па дури и жртвувало нешто, можеби сопствените животи, во служба на некого или нешто поголемо од нив. А сепак сите тие, без исклучок, имаат и по некоја вина или, можеби, многу грешки, од едноставна причина што ние сите сме простосмртни мажи и жени, со наши сопствени неуспеси, маани и слабости. И тоа е во ред. Тоа е она што ги прави луѓе и затоа сме поврзани едни со други. Знаејќи го ова исто така значи дека секој, секаде може да биде тој херој што го бараме.
Јас имам македонски херои. Не само оние што ги знаеме од минатото (а можете да ги именувате исто така), но постојат македонски херои овде и сега, луѓе што ги познавам лично од моите речиси три децении поминати во и со Македонија. Мажи и жени кои се благодарни за Македонија, мажи
и жени кои имаат благодарност за се што значи да се биде Македонец, мажи и жени кои не го земаат секој ден здраво за готово, туку стануваат и одат на работа со намерна цел да ги подобрат работите, да им служат на другите, а потоа легнуваат со сознанието дека направиле нешто добро.
Вие, моите македонски пријатели и семејство, можете да бидете и треба да бидете херои за повеќе од еден ден.
Бидете херои. Бидете македонски херои. Засекогаш.