Страв и надеж
Имам две дефиниции за дипломатијата со кои се согласувам. Првата е дека дипломат е оној кој секогаш се сеќава на роденденот на една жена, но никогаш на нејзината возраст. Втората е дека дипломат е некој кој може да те погледне директно во очи и да ти каже да одиш директно во пеколот, но тоа го прави на таков убав начин што ти е драго одиш.
Токму оваа втора дефиниција се однесува на Стејт департментот на САД кога станува збор за Македонија. А по оваа дефиниција, американската дипломатија во Македонија не е успешна.
Кејт Бирнс, која до неодамна беше американска амбасадорка во Македонија – заедно со нејзините претходници како и високи членови на Стејт департментот – ги гледаа Македонците директно во очи и им велеа да одат директно во пеколот, барем во последните две децении. Но, Македонците не беа среќни да појдат на ова патување и, всушност, се разгневија против предлогот.
Писателката Хана Арент (1906 – 1975), која го преживеала Холокаустот, во нејзината маестрална книга „Потекло на тоталитаризмот“ (1966), вели дека, во тоталитарното општество, „најлошите го изгубиле стравот, а најдобрите ја изгубиле надежта“.
Иако Македонија не е тоталитарно општество, мислам дека ова е прилично добар опис за многумина во Македонија денес: има премногу поединци – дел од нив политичари, одредени „бизнисмени“ (читај: криминалци), вистински криминалци и други - кои го изгубиле стравот дека ќе бидат гонат за нивните злосторства, злодела и воопшто лошото управување со Македонија, додека, во исто време огромното мнозинство Македонци – од сите етнички групи – изгубиле секаква надеж дека нештата некогаш ќе се подобрат.
Веќе е јасно дека оние кои го изгубиле стравот од казна не веруваат дека правдата некогаш ќе ги стигне. А воедно тие не веруваат ниту во Судниот ден. Тие веруваат дека постојано ќе се вадат од одговорноста од нивните злосторства и злонамерно управување поради различни причини, од кои една е
дека зад себе имаат моќни заштитници и поттикнувачи.
На пример: непосредно пред нејзиното заминување, американската амбасадорка Кејт Брнс напиша на Твитер: „Почестена што повеќе од три години имав привилегија да служам како амбасадор на САД во Северна Македонија. Среќна сум што гледам дека (емоџи со македонско знаме) напредува овие години, и продолжи нашето партнерство и соработка. За ова им благодариме на граѓаните, партнерите и колегите незаборавно патување.”
Неколку поенти: прво, да, овој период за жал беше „незаборавен“. Брнс не претседаваше со период на „напредокот“, како што таа го нарекува, туку на уназадување. Во нејзиниот мандат во земјава, Македонија се уназади на речиси секој можен начин (и дел од вината за ова е кај неа затоа што ги штитеше и поттикнуваше оние што постапуваа погрешно). Второ, употребата на емотикони со македонското знаме покажува дека ниту во последната комуникација таа не можела да се натера да ги напише зборовите „...македонски напредок...“ што во најмала рака би било достојно поздравување со Македонците. Да искористам коцкарски термин, и се позна блефот: на крајот на краиштата, на Брнс не и е гајле за Македонија или Македонците и покрај нејзините убави зборови. Трето, колажот од слики во нејзиниот твит беше со владини функционери и некои младинци од разни организации. Тоа треба да стави точка на прашањето кои биле нејзините „партнери“ во нејзиното „незаборавно“ патување.
Мило ми е што ќе ја снема. Но, не очекувам ништо поразлично од следната американска амбасадорка. Новата амбасадорка ќе работи на ист начин: ќе биде добра со левичарите и прогресивците (во и надвор од владата) и ќе троши купишта долари на американските даночни обврзници за левичарски, прогресивни
проекти кои огромното мнозинство Македонци не ги сакаат...или, уште поважно, не им се потребни. Запомнете: Стејт Департментот практично се фали дека потрошил речиси една милијарда американски долари во изминатиот четврт век. И каква е состојбата во македонското судство?
Ако зајакнувањето на односите меѓу двете земји е главна цел на американската дипломатија и една од улогите на Стејт Департментот, според огромно мнозинство Македонци – од сите области – американската дипломатија повторно потфрли. Додека повеќето Македонци ги сакаат Америка и американската култура (и со задоволство би прифатиле 10-годишна работна виза доколку им се понуди) дипломатските напори на дипломатите на САД не успеаја да предизвикаат никаква почит кон САД. Повторно, вината лежи со американските дипломати, а не во американскиот народ.
Сега, можеби ставот на Стејт департментот е едноставно еден од „Не ни е грижа дали не сакаш, само прави како што ќе ти кажеме“. И тоа можеби е точно.
Но, во земја, како Македонија, каде лошите ликови го изгубија секој страв, а чесните жители веќе немаат надеж, е земја во опасност од колапс – и тоа не е сценарио кое американските дипломати го посакуваат, особено кога таа земја е во Европа. Земја во која криминалната класа нема страв, а чесните луѓе се без надеж не е здраво општество и некој би помислил дека, американските дипломати барем би препознале дека ова е лоша ситуација. Кога би имале морален компас, но можеби очекувам премногу од нив.
(Ја критикувам мојата дипломатска служба затоа што, како Американец, го имам тоа право и имам должност да го стора тоа – но сите знаеме дека Европската Унија и нејзините различни претставници во Македонија, заедно со различните амбасадори на земјите-членки, се однесуваа на сличен начин во текот на нивните мандати),
Можете ли да промените нешто од ова?
Мислам дека одговорот е „да“, и мора да биде „да“ ако на луѓето треба да им се даде надеж (на сите ни треба надеж), и ако сакаме лошите луѓе да ги научиме да се плашат. Тоа започнува со правење на она што е правилно - на секое ниво, но почнувајќи на индивидуално ниво - да не мамиме со даноците, да ги плаќаме сметките за комунални услуги, да застанеме на црвено светло - навидум мали, секојдневни работи. Секој треба да ги прави овие работи. Следно, не молчи. Поточно, користи хумор, сарказам и пародија за да ги покажеш неспособноста, погрешното постапување и глупоста на владата. Направете го истото и со меѓународните дипломати.
Конечно, преземете малку повеќе одговорност за себе и за Македонија. Гледам дека многу Македонците секогаш ги обвинуваат другите. Престанете со тоа. Можеме многумина да обвинуваме, но погледнете се прво себеси во огледало. А потоа исправете се и престанете да кукате. Правете ги овие едноставни работи постојано, и ви гарантирам дека работите ќе се променат на подобро.