Сеќавање на Борис
Тешко е да се поверува дека поминаа 20 години – две децении – откако Борис Трајковски замина на едно подобро место. А сепак, додека да трепнеш, Борис не напушти на тој студен 26 февруари 2004 година, над планините на Босна и Херцеговина. И не само Борис, не напуштија и осум негови колеги, горди Македонци, сите посветени на Македонија и на претседателот Трајковски. Да ги спомнеме:
Ристо Блажевски
Александар Божиновски
Димка Илковиќ Бошковска
Бранко Ивановски
Миле Крстевски
Анита Ложановска
Марко Марковски
Борис Велинов
Претседателот Борис Трајковски ми беше пријател. Го запознав преку неговата политичка партија, ВМРО-ДПМНЕ, во 1997 година. Во Македонија пристигнав во јули 1996 година мислејќи дека ќе останам само на тримесечен проект преку Мерси Корпс, хуманитарна организација која работи во Косово и Македонија. Тие три месеци се претворија во седум години живот и работа во Македонија и, во тоа време, Борис ми стана близок пријател. Иако, откако беше инаугуриран за претседател на 15 декември 1999 година, веќе ретко го викав Борис; ми претставуваше голема чест да му се обраќам со претседателе.
Тој не беше мој претседател, но беше мој пријател и брат во Христа. И иако јас не сум Македонец, почнав да ја споделувам неговата страст и љубов кон Македонија и Македонеците. И не само Македонците, туку и сите граѓани на Македонија. Се сеќавам на него - дури и пред да стане претседател – како патуваше низ цела Македонија, по градови и села, на средби со луѓе од сите етникуми, од сите економски нивоа, и од сите професии. Тој се среќаваше со нив - без разлика кои се и од каде - затоа што сакаше да ги запознае, сакаше да учи од нив, сакаше да ги дознае нивните надежи и соништа, фрустрации и стравови, за да проба, ако е можно, да направи нешто за да им помогне. Сакаше да живее за другите.
Мислам дека тоа е една работа што го направи посебен меѓу сите Македонци што ги познавам и ги имам запознато. Тој беше голем човек, физички и метафорично, човек со големо срце. Имаше широка насмевка и сјај во очите, и сакаше да се поздравува со луѓето со срдечни прегратки, цврсти ракувања, бакнеж по образ, знаеше да те плесне по грбот, а кога зборуваше со тебе, зборуваше само со тебе и со никој друг, затоа што сакаше да те запознае. Се поврзуваше со луѓето затоа што се грижеше за нив, пред се како човек и како Македонец, а потоа и како претседател. Сакам да видам повеќе такви македонски лидери – мислам дека и Македонците би го сакале тоа.
Тој направи грешки и имаше слабости: како и сите ние. Сите ние сме грешници, дел од „кривото стебло на човештвото“, како што вели Кант, и склони кон нашите сопствени грешки и недостатоци. Но, во Борис видов, и гледав и набљудував, човек кој секогаш се трудеше да го направи вистинското нешто за Македонија како целина, за сите поединци и семејства. Некогаш ќе погодеше, некогаш ќе згрешеше.
Имајќи предвид дека беше ограничен во неговите овластувања и од политчките состојби, мислам и верувам дека тој направи одлична работа за Македонија и за Македонците.
Борис беше побожен човек. Ова е израз што не го користам туку така. Тој човек посветен на молитвата. Се сеќавам како се молевме заедно во многу прилики, се молевме за повеќе верба, за повеќе сила, да успееме да ја направиме вистинската работа за Македонија и за Македонците и сите други. Тој го сакаше својот Бог, затоа што Борис знаеше дека Бог го сака, и му благодареше на Бога. Беше благодарен за се што Бог го направил за него. И токму поради покорноста и благодарноста на Борис, мислам дека Бог му даде сила да истрае во многу, многу тешки околности; се сеќавате дека 2001 година не беше добра година за Македонија.
Во средата, 25 февруари 2004 година, се видов со Борис утрината, во неговата канцеларија. Тој разговараше со бизнисмен кого му требаше помош, бидејќи Борис секогаш беше подготвен да помогне. Го видов и попладнето, во неговата резиденција на Водно. Поминавме околу три часа заедно, со уште еден пријател, разговарајќи за подготовките за неговата кампања за реизбор која почнуваше таа есен. Не се толку важни деталите за тоа што се подготвуваше тој февруари, на партиски и политички план - важно е дека Борис сакаше повторно да се кандидира; сметаше дека неговата работа како претседател се уште не е завршена. А сепак на некој начин беше, затоа што следното утро, февруари 26, 2004 година, тој престана да биде претседател и се претстави пред Бога.
Се сеќавам, како вчера да беше, како Македонија запре. Како Македонците се собраа заедно да се простиме од Борис и неговите пријатели. Токму во тој момент, тие сфатија дека имаа добар човек, кој се обидуваше да го направи она што е најдобро. И почувствуваа дека го загубија.
Што можеме да научиме од животот на Борис додека размислуваме за изминатите две децении што поминаа од неговото смрт? Треба да научиме нешто. А тоа е, сметам, дека треба да живееме за другите. Овој голем човек со големо срце би сакале да продолжиме напред. Неговата порака и животот на Борис кои не учат на трпеливост, простување, помирување и љубов мора да продолжат да се пренесуваат. Сите ние можеме да го сториме тоа.