За среќата и надежта
Неодамна се вратив од Божиќното патување во Македонија и, како и секогаш, уживав во убавината на семејството и пријателите, во топлото и гостопримство на Македонците, извонредната македонска храна и пијалоци, па дури неколку пати се качив и на Водно. Беше, како и секогаш, добро патување кое ми ја освежи душата, а и донесе премногу јадење и пиење. И, како и секогаш, и мојата посета беше прекратка.
Сепак, имаше нешто што го сретнав на ова патување, а веќе го среќавам при сите патувања во Македонија: фрустрацијата и гневот кон македонската влада, кон меѓународната заедница (пред се кон американскиот Стејт департмент), кон корумпираните бизнисмени, поради недостигот на позитивна насока во земјава и многу повеќе. И ве разбирам, навистина ве разбирам: има многу причини да сте лути. И јас сум лут поради сето ова, а не сум Македонец ниту живеам во Македонија (сеуште).
Но, на лично ниво, дозволете ми да ви укажам дека можете да чувате праведен гнев (дефиниран како гнев поради неправдата и неспособноста) кон овие поединци, институции и неправди, а сепак да бидете среќни и задоволни во вашиот личен живот. Јас научив како да го правам тоа, но ми требаше многу долго време. Сега дозволете ми да споделам со вас како можете и вие да го направите тоа, во надеж дека ќе научите многу побргу отколку што мене ми требаше.
Американскиот радио водител, пистал и посветен ортодоксен Евреин Денис Прегер го напиша следново во неговата одлична книга за среќата. Тој вели дека: „најважниот извор на среќа е благодарноста“ и дека „да, постои тајна на среќата – а тоа е благодарноста. Сите среќни луѓе се благодарни, а неблагодарните луѓе не можат да бидат среќни. Склони сме да мислиме дека несреќата е она што ги тера луѓето да
се жалат, но поточно е да се каже дека постојаното жалење доведува до тоа луѓето да станат несреќни. Станете благодарни и ќе бидете многу посреќна личност“.
Прегер пишува нешто што на многумина – во која било култура – им е непријатно да го помислат. Тој вели: „среќата може да се постигне во речиси сите околности под услов да верувате во тоа вашиот живот има смисла и цел... Луѓето ја црпат смислата од две верувања – верувањето дека нивниот живот има смисла и верувањето дека животот воопшто има смисла. И двете верувања – личното значење и трансценденталната важност на животот – се неопходни за среќа. Има луѓе кои имаат
верба во ниту една од овие две цели, луѓе кои веруваат во двете, а се почесто има луѓе на кои им недостасува само едно од овие верувања – дека нивните сопствени животи имаат смисла, но додека самиот живот во крајна линија е бесмислен. Меѓу овие третите има многу секуларни интелектуалци кои го гледаат човечкиот живот како случаен, како непланирата случка (во суштина тоа го прават за да го зачуваат разумот), а сепак продолжуваат да ги сметаат нивните лични животи како важни. Гледано од чисто логичка основа, не гледам како е можно бесмислен универзум да произведе важни и значајни животи, но јас добро разбирам зошто повеќето луѓе кои веруваат во бесмисленоста на универзумот не сакаат на истиот начин да гледаат кон сопствените животи“.
Прегер понатаму забележува дека „чисто секуларното разбирање на постоењето може да значи само дека светот на крајот нема ниту цел ниту смисла... Колку и да ја наоѓаме смисол во нашата работа, во семејството, пријателите, во социјалните врски, секуларниот универзум значи дека не постои крајна цел што значи дека нема смисол во ниту една од овие работи. Сите овие значења ги измисливме за да не очајуваме. Многу е тешко да се биде среќен ако секое утро гледаме во огледало и гледаме само случајно производ на бесмислени сили, ѕвездена прашина која случјано се десило да стане самосвесна“. Ова е отрезнувачки начин да гледате на универзумот и на животот во него. Но за тие кои веруваат дека животот - и нивните сопствени животи - имаат значење, се добива смисла. А за да верувате дека вашите животи имаат смисол, и дека има смисол во животот во целина, треба да бидете благодарни.
Што ме води до оптимизмот и надежта.
Американскиот интелектуалец и писател Јувал Левин пишува: „Јас секогаш инсистирам на разликата помеѓу надежта и оптимизмот, до кои дојдов преку рабинот Џонатан Сакс, иако мислам дека се постари и подлабоки од тоа. Надежта е да се верува во можноста за позитивна промена. Надежта е да бараш доблест. Тешко е, потребна е храброст, потребна е енергија, потребно е многу акција. Да бидеш оптимист е само да се мисли дека работите ќе одат добро. А мислам дека тоа е глупаво“.
Американскиот писател и интелектуалец Артур Брукс пишува дека „Постои збор за вербата дека можете да ги подобрите работите без да ја искривувате реалноста: не оптимизам, туку надеж. Со други зборови, оптимизам е верувањето дека работите ќе испаднат како што треба; надежта не прави таква претпоставки, надежта е убедување
дека можеме да дејствуваме на начин кој ќе ги подобри работите на некој начин“. Брукс понатаму вели дека „Надежта вклучува личен ангажман“ и дека „повеќето филозофски и религиозни традиции ја сметаат надежта за активен избор, па дури и за заповед. Навистина, тоа е теолошка доблест во христијанството: Надежта подразбира доброволна акција, а не само среќно предвидување“.
Дозволете ми да ве оставам со кусо резиме тука, кое се надевам ќе го запомните за кога работите се чинат дека се многу лоши:
- Најважниот извор на среќа е благодарноста и секој има нешто за што ќе биде благодарен, независно дали имаш малку или многу во животот.
- Сите среќни луѓе се благодарни, а неблагодарните луѓе не можат да бидат среќни.
- Склони сме да мислиме дека несреќноста ги наведува луѓето да се жалат, но поточно е да се каже дека жалењето доведува до тоа луѓето да станат несреќни. Станете благодарни и ќе станете многу посреќна личност.
- Среќата може да се постигне во речиси сите околности под услов да верувате дека вашиот живот има значење и цел,
- Надежта е доблест која бара. Тешко е, потребна е храброст, потребна е енергија, потребно е многу акција.
- Надежта вклучува личен ангажман и повеќето филозофски и религиозни традиции ја сметаат за активен избор, па дури и заповед. Навистина, тоа е теолошка доблест во христијанството: Тоа подразбира доброволна акција, а не само среќно предвидување.
Вреди да се запаметат и повторат овие работи!