Големото „MO“
Првиот круг од претседателските избори во Македонија заврши и, ако се суди според коментарите од набљудувачите, разговорите со пријателите и следењето на медиумскиот пејзаж, се чини дека не само што ВМРО-ДПМНЕ победи, туку Македонците се охрабрени и возбудени од исходот Ова и дава на партијата, и на оние кои ги поддржуваат, големо „МО“, односно „моментум“ - иницијатива.
Гласачите на Гордана Силјановска - Давкова рекоа дека ни се потребни промени, потребен ни е вистински лидер, и потребен ни е некој што ќе зборува во име на Македонците, штитејќи ги нивните интереси. Таа го победи актуелниот претседател Стево Пендаровски, со два спрема еден.
Сите знаеме дека силата на претседателот во Македонија е ограничена. Поради ова, лицето кое ја зазема позицијата има единствена можност да ја искористи за да ги инспирира луѓето. Додека Стево цело време зборуваше за „европската ориентација“ на Македонија, Гордана зборува за нешто поблиску до умовите – и срцата – на повеќето Македонци – а тоа е гордоста на Македонија, гордоста што доаѓа од тоа да си Македонец, за потребата да се врати малку храброст и надеж, како и желбата кај Македонците едноставно да бидат признати за тоа што се – Македонците кои се Европејци.
Што е делумно и причината зошто кампањата на Стево не успеа: Македонците знаат дека се „европски“ и тие исто така знаат дека процесот на зачленување во Европската Унија е од почеток наместен против Македонците, само затоа што се Македонци. Затоа во свеста на Македонците како поважни се наметнуваат други прашања – гордост во својот идентитет, јазик, историја и многу повеќе.
Македонците многу добро знаат дека, да, животот е тежок и мачен, но тие ќе се снајдат – со или без Европската Унија. Но, да го загубиш идентитетот? Да се избрише историјата? Да исчезне еден култура и јазик? Тоа е нешто од што Македонците нема да се откажат, дури и ако политичарите и некои неизбрани бирократи – потпомогнати и поттикнати од политичари од САД и ЕУ и тамошните неизбрани бирократи – го бараат тоа.
Сега има многу добри шанси Гордана да го добие претседателското место во вториот круг. И не само тоа, но има добри шанси ВМРО-ДПМНЕ да освои уште повеќе пратенички места во Собранието бидејќи Македонците се возбудени и имаат голема МО.
Еве уште една причина: Владата на ДУИ/СДСМ, а и Стево, цело време зборуваат за „европската ориентација“ на Македонија. Повторно, Македонците знаат дека се Европејци, но тие исто така знаат дека процесот на зачленување во ЕУ е наместен против Македонците. Но она што ДУИ/СДСМ не го кажуваат – и нема ни да го спомнат – се неконтролираниот криминал и корупција со кои се соочуваат Македонците, а за кои се одговорни тие самите – ДУИ/СДСМ. Тие зборуваат за
„Европската ориентација“ на Македонија како тоа да е единствениот лек за многуте проблеми со кои се соочуваат Македонците, кои овие две партии ги создадоа. Тие зборуваат за „европската ориентација“ на Македонија како божем ако ја формираат следната влада, ќе ја направат Македонија членка на ЕУ, а Македонците ќе зачекорат низ сончевите полјани на благосостојбата и мирот. Освен што Македонците знаат дека ова не може да биде вистина.
Македонците не се будали. Тие знаат дека прво мора внатрешно да се исчисти Македонија и дека мора да се справи со засилениот криминал и корупција на ДУИ/СДСМ. Македонците исто така знаат дека има и други начини за справување со детските барања на Бугарија и дека никој во ДУИ/СДСМ некогаш не се потрудил да размисли за овие алтернативи бидејќи, како што се ДУИ/СДСМ сакаат да кажат, „не постои друга алтернатива“ односно секој треба да „молчи и да направи како што му е кажано“. Конечно, Македонците знаат дека, за да успеат сите во Македонија – без разлика на нивната класна или етничка припадност – мора да се направат внатрешни реформи во јавниот сектор кои ќе бидат фокусирани на основните работи како што е унапредување според заслуги и способност, и ништо друго.
Ова се некои од причините зошто ВМРО-ДПМНЕ – и другите партии кои се спротивставени на ДУИ/СДСМ – имаат можност за победа, и тоа за голема победа на 8 мај.
Пролетниот ветер носи позитивни промени во Македонија и Македонците се подготвени да ги прифатат – единствено што треба да направите е да гласате на 8 мај. А на 8 мај можете да гласате за една нејасна, маглива идеја за „европска ориентација“ знаејќи дека тоа ќе ве води по неизвесна патека без гаранции за ништо, иако знаете дека Македонија веќе е европска.
Или можете да гласате за Македонија. Изборот е ваш.