
Discover more from Macedonian Content Farmers Podcast
Посведочете
Забелешка на авторот: На секои педесетина колумни се обидувам да напишам нешто малку порефлексивно, обсмислено и, се надевам, инспиративно за моето македонско семејство и пријатели. Ова е 850-та колумна што ја имам напишана низ текот на годините, и се надевам дека ќе ги достигне овие самопоставени цели.
„Посведочете“. Меѓу дефинициите на на овој збор, се наоѓа „да послужи како доказ за нешто“ или „да послужи како потврда за нешто".
Сметам дека оваа дефиниција е добра и корисна за да се истакне следната поента: Македонците, преку нивните зборови, дејствија, однесувањето и многу повеќе, сведочат или служат, како потврда и доказ не само за постоењето на, туку и за неопходноста и убавината на Македонија и Македонците во нашиот денешен свет.
Низ годините, а особено во изминатите две недели, сите бевме сведоци како Македонците посведочија кои се како народ и што е Македонија како земја, како идеја и и што значи да се биде Македонец во секоја смисла на зборот. Македонците сведочат и се доказ и потврда за Македонија, за Македонците и за македонскиот јазик, дух и многу друго.
На некој начин е чудно: колку повеќе Македонија и Македонците се на удар – овој пат од Бугарите, но со помош на француската влада, на ЕУ, Стејт департментот на САД и, особено, од македонската влада – колку повеќе се Македонија и Македонците под напад, толку повеќе се издигнува македонскиот дух.
Уште во март оваа поента ја изнесов во колумна: „За време на мојата неодамнешна посета на Македонија, им забележав на двајца мои пријатели, со кои разговаравме за тоа како изгледаат состојбите во изминатите четири години под влата на СДСМ/ДУИ, дека Македонците ми делуваат загрижени, гневни, помалку и очајни, и сето тоа во исто време. Тие ми одговорија дека, да, можеби сум во право, но во исто време, можно е дека, поради непромислените, незаконски потези на власта на СДСМ/ДУИ насочени против македонското име и идентитет, Македонците всушност се позаинтересирани за својот идентитет, историја, култура и јазик. По овој разговор, му реков на друг пријател - кој е пензиониран дипломат од земја членка на ЕУ и кој поминал доста време во Македонија - и тој ми рече дека го забележал истото. Меѓу другото, ми напиша дека „огромното мнозинство Македонци научија повеќе за нивната историја, идентитет, јазик и култура во овие изминати неколку години туку во минатите децении“.
Сето ова е вистина.
Секојдневните мирни протести и демонстрации во кои десетици илјади Македонци
низ цела Македонија излегуваат, веат знамиња, пеат македонски песни и се поддржуваат едни со други, сведочат за македонскиот дух. Иако се помали, протестите и демонстрациите на Македонците ширум светот исто така посведочија за македонскиот дух.
Фотографиите и снимките споделени од овие мирни протести на социјалните мрежи моќно сведочат за едноставната желба да бидете познати и признати како Македонци кои го зборуваат македонскиот јазик и ја негуваат македонската култура.
Многу пораки се упатени преку истите тие социјални платформи и се насочени кон
македонската влада, ЕУ, Стејт Департментот на САД, Французите, разните членки на ЕУ и меѓународните организации, и тие сведочат дека Македонците не сакаат да влезат во институција која одбива да одвои малку време за да го слушне ставот на Македонецот и место тоа, застана на страната на земја-членка која инсистира дека Македонците не се тоа што се. Мислам дека имам добар одговор за оваа дружина и за нивните тврдења: потсмевајте им се, и забавувајте се на нивна сметка. Користете сатира и потсмев за да им покажете какви бедни суштества се.
Македонците знаат за што зборуваат, за што пеат, за што протестираат и една
реченица го прави ова совршено јасно. Грчкиот весник „Катимерини“ на 9 јули објави текст во кој се опишува бугарското вето за почетокот на пристапните преговори со ЕУ за Македонија. Авторот пишува „Меѓутоа Бугарија, друга земја членка на ЕУ, поднесе вето во 2020 за историјата и јазичните прашања, додека Северномакедонците кои се против ова велат дека барањата го напаѓаат нивниот
национален идентитет."
Поединците и институциите кои го поддржаа таканаречениот „Преспански договор“ рекоа македонскиот идентитет нема да се менува. А сепак, Катимерини го користи изразот „Северномакедонци“ за демонстрантите коии се се спротивставуваат на француско-бугарскиот предлог бидејќи го напаѓа нивниот идентитет. Се спротиставуваат затоа што предлогот го напаѓа македонскиот идентитет. Бидејќи
таканаречениот „Преспански договор“ исто така го напаѓаше и се уште, до ден денешен, го напаѓа македонскиот идентитет. И затоа што Македонците знаат – точно знаат – дека овој нов предлог нема да биде крај без разлика кој ќе ви каже дека ова е последното барање. Секогаш ќе ви бараат да на правите само уште еден компромис. Ова или ќе заврши со Македонија во ЕУ, но без душа, идентитет, или ќе заврши така што Македонија ќе продолжи да чека некој подобар ден, но ќе остане со крената глава, а нејзиниот македонски идентитет, јазикот и културата ќе останат непроменети.
Посведочете.
Јас Не можам да ја предвидам иднината, но што и да се случи, знам дека Македонците ќе продолжат да сведочат, повторно, не само за постоењето, туку и за неопходноста и убавината на Македонија и Македонците во овој денешен свет.
Држете ги главите високо. Научете ги вашите деца што е правилно и вистинито и добро и чисто. Кажете им ги приказните за гордата историја на Македонија додека работите со нив на нивната домашна по историја и по македонски јазик. Научете ги да ги пеат старите песни и потоа да ги пеете заедно. Покажете им, на збор и преку дела, како сето тоа сведочи за Македонија и Македонците.
И продолжете да се борите.