
Идеме јако, на три милијарди
Ако кинеските автопати Кичево - Охрид и Скопје - Штип коштаа околу 500-600 милиони евра (пред Заев да ја запре работата и дуплира цената на првиот), слободно може да очекуваме Гостивар - Кичево да чини милијарда евра. Теренот е значително полош, Кинезите вообичаено работат поефтино од Американците, имаат голем наплив на пари од нивните извозни индустрии кои бараат да ги пласираат некаде и гледаат на работите долгорочно, и затоа не им е проблем да ти дадат подобра понуда. Плус тука е огромната политичка премија која САД очигледно очекува Македонија да ја плати, поради која цената на Гостивар - Кичево под Бехтел ќе биде пренапумпана. Милијарда не ни гине.
Потоа, Заев планира на Бехтел да им ги даде и линиите Струга - Ќафасан и Прилеп - Битола. Ексклузивен договор без наддавање. Првата линија е кратка, втората е на поволен, низински терен. Дали ќе успеат и тука да закрпат цела милијарда? Можеби не, но ќе дојде блиску. За поедноставно, да речеме, частиме две милијарди за нашите американски владетели од гордата НАТО членка Северна. За тие пари, со Кинезите ќе ги завршевме истите линии, плус Радовиш - Струмица и Куманово - Паланка и ќе ја комплетиравме автопатската мрежа во Македонија.
Но тоа не е се. Вистинската цена на рекетот Бехтел без проблем ќе дојде до три милијарди. Имено, ние сме сега добрите дечки на Балканот. Слушаме што ќе ни се каже, дури некогаш и не чекаме да ни се каже, сами скокаме каде е најгусто. Под Груевски, идејата беше да задржиме некое ниво на суверенитет, национален идентитет, економска, енергетска и индустриска политика водена од националните интереси на Македонците и слично. Тоа подразбираше да се одбијат директните барања и диктати на САД и ЕУ. Па дури и под тие услови, Груевски успеа да добие пари од ЕУ за автопатот Демир Капија - Смоквица во износ од 90 милиони грант и 100 милиони заем. ЕУ не го финансираше целиот автопат, но да поедноставиме и кажеме дека платиле пола. Нормално, ЕУ мислеше дека со тие пари ќе купи влијание врз Груевски и врз Македонија, имајќи предвид дека другите „инвестиции“ од ЕУ беа главно финансирање на шарени револуционери и шарени медиуми. На што Груевски одговори со преименување на автопатот според Александар. Според неговата логика, ЕУ има интерес да биде инфраструктурно присутна на Балканот, доколку мисли во иднина да го интегрира регионот, и на сите милијарди што ги истура во Грција, Бугарија итд, смешно е да расправаме со нив да платат неколку стотици милиони за целата инфраструктура во Македонија.
Зошто тогаш ЕУ не му дава пари на Заев за инфраструктура? Нели сега сме високо почитувани, послушни, бањани, исчешлани? Зошто на Вучиќ му даваат 50 проценти од пругата Белград - Ниш - Северна, вредна над милијарда евра кога Вучиќ не прави отстапки за Косово, а не и даваат ништо на полтронската крпа Заев? По оние неверојатно смешни и понижувачки (смешни се затоа што се толку понижувачки) сцени кои се случуваат на секој три до шест месеци кога Северна оди во Брисел да го добие своето најново вето, евро-дипломатите обично излегуваат со ветување дека, штом ете пак нема преговори, ќе дадат некое евро за инфраструктура. И каде е таа инфраструктура? Што издоговори Заев во овие четири години ултра-сервилност (освен за себе лично)?
Едно објаснување е дека во ЕУ немаат никаква причина да купуваат влијание врз Заев и Северна кога веќе имаат апсолутна контрола врз него. Човекот е подготвен да прекине зделки како автопатот Кичево - Охрид и Јужен Поток без да бара или добие ништо во замена за државата. Зошто да му фрлаат пари за инфраструктура кога се ќе ти даде само да го викнеш од време на време во некоја европска палата да му кажеш „нон“, „најн“, „но“...
Нормално, кога ЕУ би дала пари за инфраструктура, ќе очекуваат да има тендер процедура, а добитникот на крај да биде некоја фирма од заинтересирана земја - членка на ЕУ. И тука улетува рекетот Бехтел. Нема шанси ЕУ да финансира инфраструктурни проекти во Северна ако Заев планира да ги даде на американска фирма, и тоа без тендер процедура. Дури изгледа дека Заев брза да ги даде проектите на Бехтел, со соодветниот рекет исплатен кон Дип Стејт дипломатите и кон наскоро формираната Вице Автоградба, пред случајно да излезе некоја понуда од ЕУ за некоја од тие рути. Ако Бехтел ги запоседне овие три линии, што останува понатаму Македонија да гради со можните, потенцијалните, далеку по-поволните ЕУ грантови? Автопат до Берово? Брзите пруги на Интегра? Космодром со Бугарија? Ало бе, нема да имаме малку од малку реален проект да им понудиме!
Другари, зделката со Бехтел ќе не чини две милијарди од наш џеб, и уште барем милијарда во прилично извесните грантови кои ќе можевме да ги добиеме од ЕУ ако работата течеше преку нив, но со тендерска процедура и со давање на автопатите на европска фирма. Значи не знам каква ретарда да имавме премиер, после Преспа и после сите овие силни вета што ни ги лепат, ќе успееше да издоговори некој грант од ЕУ. Ако Груевски можеше да го направи тоа во екот на кампањата од ЕУ за негово рушење, за западна пифтија како Заев би требало да е пет минути работа да добие инфраструктурни грантови од ЕУ, кои за Брисел се смешни како износ а би помогнале да се ублажи срамот на нивната дипломатија. Но, човекот си има кредити за отплаќање на Американците кои го донесоа на власт, и ќе ни ја задолжи короничкава до седмо колено за да ги исплати.
Цветин Чилиманов