
Минатите, неродените и сегашните генерации, и нивниот завет
Изминаа три години од неуспешниот референдум на 30 септември 2018 година, кој го наметнаа Зоран Заев и неговите налогодавачи од американскиот Стејт Департмент, од ЕУ и НАТО. Резултатите ни се познати на сите: референдумот во целост на успеа, и покрај тоа што Заев им гарантираше на неговите шефови дека се ќе заврши добро.
Но, тоа не беше важно за нив. Кога на референдумот не се постигна потребниот процент на излезност за да се смета за легитимен, Заев го игнорираше резултатот и ги примени познатите „балкански тактики“ на Јоханес Хан со цел да наметне промена на името и идентитетот на Македонија и на Македонците - се користеа закани, апсења, корупција, притисоци... А Стејт Департментот ЕУ и НАТО продолжуваат да го фалат за оваа саботажа.
Во овој дел од колумната обично би им посакал пропаст и на едните и на другите и на третите, но ако ги погледнете вестите деновиве ќе забележите дека работите не се одвиваат многу добро за Западот. Западните институции се смртно ранети во болничка постела, и се тетерават полека кон гробовите, додека нивниот центар не може да додржи и постепено се урива. Ќе ве поштедам од колумна под наслов „Најлошото допрва доаѓа“, но засега размислете за следниве настани:
Многу фалената трансатланска алијанса меѓу САД и Европа е жива рана. Иако претседателот Џо Бајден инсистираше дека Талибанците имале „егзистенцијална криза“, изгледа дека сепак НАТО е во егзистенцијална криза. А внатре во НАТО, некои членки,како Германија, одбиваат да ги исполнат нивните финансиски обврски додека купуваат руски гас преку неодамна завршениот гасовод Нордстрим 2, за кои транс-атлантистите велат дека е лшош за Европа и НАТО (а сепак продолжува да се гради - наспроти протестите на Украина). Подалеку од Трансатланската Алијанса, Кина се шири во сите насоким, имаме дебакл во Авганистан, инфлација, прекумерен долг во западните земји, Иран и нивните терористички активности, Северна Кореја и нејзините нуклеарки, лажните нервози и ширењето паника околу климатските промени и многу многу други кризи, да не ги спомнуваме проблемите во администрацијата на Џо Бајден и во САД, како и културолошките војни на Западот и ширењето на Вокизмот кои ја разбиваат нашата цивилизација.
Да се вратиме на Македонија и Македонците: Сите овие накусо нафрлани кризи порано или подоцна ќе се одразат врз нашиот исповрзан и глобализиран свет. Така функционира светот. Но, иако не можете да ги контролирате овие настани, можете да имате контрола врз своите животи и својата територија, дури и кога негаторите меѓу вас ви велат дека сте под туѓа контрола. Не, вие се уште имате можност да дејствувате. Се уште зависи од вас.
И тоа не само од вас. Вашите предци и вашите потомци исто така имаат право на глас.
Во познат дел од освртот „Рефлексии на Револуцијата во Франција“ англо-ирскиот државник и член на британскиот Парламент Едмунд Бурк (1729-1797) објаснува дека постои договор меѓу генерациите. „Општеството е договор... Државата е вид на партнерство не само меѓу тие кои се живи, туку и меѓу живите, починатите и тие кои допрва ќе се родат“. Со други зборови, секоја актуелна генерација е одговорна за минатите и за тие кои доаѓаат.
Ако ова е точно - а сметам дека секој мислечки човек, кога ќе подразмисли малку за ова, ќе дојде до истиот заклучок - тогаш генерациите Македонци кои минале пред нас, заедно со генерациите кои допрва чекаат да се родат - исто така имаат право на глас за насоката која Македонија ќе ја фати.
Знаеме дека режимот на Заев е изграден врз неправди и нечесност, почнувајќи од промената на името и идентитетот, па се до денешен ден.
Целта ми е да ви укажам дека буквално милиони Македонци - тие кои биле пред нас, тие кои допрва ќе се родат, и денешната генерација - решаваат за македонското минато, сегашност и иднина.
Со сигурност знаеме како се изјаснувале Македонците од минатото: за независна, суверена Македонија. Точка.
Го имаме и гласањето од 30 септември 2018: знаеме дека на референдум Македонците, преку бојкот, се изјаснија дека не сакаат да си го сменат името и дека сакаат да го зачуваат своето име и идентитет.
Имаме и прилично добра претстава како ќе размислуваат Македонците од иднината, бидејќи ги знаеме нивните родители кои ќе ги израснат да веруваат во Македонија и во македонскиот идентитет, без промени.
Имајќи го сето ова предвид, доаѓаме до заклучок дека македонското вистинско име треба да се врати, и дека македонскиот идентитет мора да биде признат.
Ова нема да биде лесно. Ранетиот Запад не само што не се согласува со ова, туку и ќе ви се спротистави. Впрочем, нивниот углед е доведен во прашање. Тие ветија дека по промената на името и на македонскиот идентитет, „ќе завладее мир во регионот и се ќе биде добро“. Дали е навистина така? Ќе ве оставам самите да си одговорите. Западот има силно изразен интерес да го зачува зборот на „С“ во вашето име и во македонскиот идентитет.
Тука се и Македонците кои за пари, слава или моќ, или за сите три, ќе се спротистават на враќањето на името. Секако, има и други Македонци кои навистина мислат дека вредеше да се променат името и идентитетот верувајќи им на НАТО и на ЕУ (ги разбирам нивните мотивации, но не се согласувам со нив - и наша задача е да им помогнеме да сфатат каде погрешија). А има и луѓе кои едноставно се преморени од сето ова. Ги разбирам и нив.
Бидејќи ова е спогодба меѓу генерации, Македонија ќе мора да се да се спаси. Тоа ќе биде тема на мојата следна колумна.