
Некои размисли за книгата на Џејмс (Пердју)
„Соединетите Држави ги создадоа ОВК и Косово. Вие го создадовте Али Ахмети. САД ми ја уништија државата“
- Македонскиот претседател Борис Трајковски до американскиот дипломат Џејмс Пердју, цитиран во книгата на Пердју „Миротворци: Американското лидерство и ставањето крај на геноцидот на Балканот“, објавена во 2018 од Универзитетскиот печат на Кентаки)
Штотуку ја завршив книгата на Џејмс Пердју, неодамна починатиот америакнски дипломат кој беше испратен во Македонија од Стејт Департментот и од Белата Куќа во 2001 година, за време на војната на Али Ахмети и за време на настаните кои водеа до Охридскиот Рамковен Договор, потпишан пред безмалку 20 години. Мислам дека вреди да се разгледа што Пердју напишал за своето искуство во Македонија, но и за да видиме кој бил Џејмс Пердју како човек, како американски дипломат и како гледал на светот.
Да почнеме од ова последното. Светогледот на Пердју е, според мене, подреден на поддршката на американскиот интервенционизам и ширењето на „демократијата“. Зборот „демократија“ го стават под знак на наводници, бидејќи начинот на кој Пердју гледа на демократијата е препознатлив во оценките на полскиот филозоф и политичар Ришард Легутко, кој во неговата книга „Демонот во демократијата“ пишува за „сличностите меѓу комунизмот и либералната демократија“. Легутко идентификува три заеднички нишки меѓу овие два концепти: Како прво вербата во „едностраноста на историјата, која неизбежно и триумфално води кон ера на постојан мир“ (кон „вистинската страна на историјата“). Второ, дека „свесни човечки постапки“ од „мала група на елитни, просветлени владетели“ ќе го подготви човештвото за ова идно време. И, трето, дека овие мали групи ќе му овозможат на човештвото да создаде „модерно општество, ослободено од незнаењето и суеверието“. Со други зборови, ќе се ослободиме од традицијата и религијата кои овие системи ги отфрлаат (иако и комунизмот и либералната демократија со задоволство го наметнуваат нивниот секуларен хуманизам, кој исто така е вид на религија).
Според мене, Пердју ги делеше овие убедувања. Елитите во западните демократски држави се повеќе размислуваат на овој начин, независно дали се работи за избрани политичари или за именувани бирократи и дипломати, или пак за лицата кои се наместиле на врвот на нашата култура, медиумите, универзитетите, Холивуд, аналитичките центри, големите компании и, се почесто, во професионалниот спорт. Сите тие, во поголема или помала мерка, го споделуваат овој светоглед.
Откако го утврдивме начинот на кој Пердју гледаше кон светот, да прејдеме на поинтересните критики упатени кон него. Заедно со дипломатот Ричард Холбрук и други американски дипломати, Пердју честопати беше критикуван (фер или не) дека ја држи страната на Муслиманите од југоисточна Европа. Пердју самиот вели дека „Официјалната цел на американската интервенција во поранешна Југославија од 1995 до 2008 година не беше да се помогне на една група, туку да се врати стабилноста во југоисточна Европа и да се запре општата хуманитарна криза. Сепак, милионите Муслимани кои живеат во поранешна Југославија извлекоа најмногу од американската интервенција на Балканот. Американската и меѓународната акција запреа или спречија смртоносни конфликти и спасија безбројни животи на Муслиманите, ја одбранија нивната независност, нивниот културен идентитет и ги загарантираа нивните права како граѓани“. Пердју понатаму вели дека американската интервценција ќе спречи радикализирање на Муслиманите во југоисточна Европа во насока на екстремен исламизам. Сепак, како што бевме сведоци, тоа не е секаде така.
Во однос на Македонија, Албанците пред се го истакнуваат својот идентитет како албански, над нивната муслиманска вера. Па да ги погледнеме оценките за опасноста од создавање на „Голема Албанија“ во регионот. За ова, Пердју пишува дека „Некои се плашеа од движењето за 'Голема Албанија' во југоисточна Европа, исто како и од пропаднатиот сон за 'Голема Србија'. Многумина дека очекуваа Албанците ќе сакаат да се обединат исто како и Србите, имајќи ги предвид нивните јазични сличности и идентичната култура. Сепак, не наидов на уверливи докази дека такво движење постои. Во секоја од балканските држави, Албанците беа многу солидарни меѓу себе, но нивните движења беа независни од албанските движења во другите држави“.
Премиерот на Косово Албин Курти на ова би одговорил „подржи ми го пивото“. Треба само да се прочитаат неколку скорешни наслови за да се види дека Пердју или лажел или не знаел што зборува. „Би гласал за обединување на Албанија и Косово, вели победникот на изборите Албин Курти“ - наслов од текст на Еуроњуз од 16 февруари 2021 година. Или пак ова: „Албанија и Косово: прикриено обединување?“. Во овој текст се оценува дека „идејата за обединување, или како што го нарекуваат во овие земји -реобединување, ужива висока поддршка и во Албанија и на Косово. Анкета од 2019 година покажа дека 75 проценти од Албанците и 64 проценти од Косоварите поддржуваат обединување“.
„Реобединување“?
Низ целата книга, вклучително и во делот за Македонија, Пердју имплицира дека Србите, Хрватите и Македонците се на лошата страна, а на босанските Муслимани и на Албанците им припишува само позитивни карактеристики, со што врши бинарна диференцијација. Ова добро се надоврзува на неговата забелешка дека бил обвинуван дека секогаш ја зема страната на Муслиманите во регионот.
Пердју пишува на долго и нашироко за „екстремните балкански националисти“ и ги споредува со „руските националисти“ (овие критики не се упатени кон Албанците и босанските Муслимани, туку кон сите други народи) и понатаму вели дека „Настаните на Балканот го трансформираа НАТО во меѓународна безбедносна алијанса“. Тој со право забележува дека НАТО „се мачеше да го најде својот идентитет во новонастанатата безбедносна средина“ и за распадот на Југославија вели дека бил добар изговор за НАТО да интервенира надвор од својата вообичаена зона на дејствување. Како што вели Пердју, „интервенцијата на Балканот го реформираше и го освежи НАТО, и го отвори за поширок број на безбедносни мисии и меѓународни партнерства“.