
Кога вашата сопствена власт за вас вели дека сте „зло“
Што можете да направите кога вашата сопствена власт ве нарекува „зло“?
Ова е зборот што Зоран Заев, актуелниот премиер на Македонија и водач на левичарско-социјалистичката партија СДСМ (која до 1991 година беше Сојузот на Комунистите на Македонија) го употреби за да ги опише македонските гласачи кои гласаа за опозицијата во првиот круг на локалните избори.
Еве што точно рече во неговиот Фејсбук коментар од 18ти октомври: „Граѓаните пратија порака и ние таа порака мораме да ја слушаме, да ја разбереме и да постапуваме по неа. Народот сака да види подобри резултати, но од спротива се заканува злото. Ние сме борбата против злото. Сите ние, секој од нас".
Зоран Заев очигледно смета дека тие кои гласаа за опозициските партии и кандидати се зли.
Ова не е ново однесување од Зоран Заев. Тој и порано слично се изразувал за Македонците кои се спротиставуваа и се уште се спротиставуваат на таканаречениот Преспански договор и на договорот со Бугарија. Заев навистина не ги сака луѓето кои се спротиставуваат на неговите планови и политиките за Македонија. Или сте со него или, да може, би ве пратил во гулаг.
Откако во понеделник Заев ја нарече опозицијата „зло“, тој ја повтори изјавата и во вторник, кога повторно се спушти на дното за да каже дека „Сега е време за обединување затоа што од другата страна се истите насилници и криминалци кои ја уништуваа нашата земја со години. СДСМ греши, но учи и се поправа. ВМРО-ДПМНЕ е партија на своеволие и узурпација на сè државно за свои интереси... Велат дека за да победи злото доволно е добрите луѓе да не направат ништо. Овој пат, ние нема да набљудуваме и да не правиме ништо додека злото се заканува. Ќе дејствуваме!“
Цитат кој Заев се обидува да го каже потекнува од Едмонд Бурк, ирско-англискиот државник, писател и човек кој се смета за таткото на модерното конзервативно движење. Оригиналниот цитат гласи - „Единственото нешто кое е потребно за злото да надвладее е добрите луѓе да не сторат ништо“, а потекнува од цитат кој му се припишува на Бурк, дека „кога лошите луѓе прават заговори, добрите мора да се здружат; инаку сите ќе паднат, еден по еден, нивните необжалени жртви дадени во името на презрена борба“.
Поголемата поента е во следново: Заев, како прво, тврди дека неговата страна е „добра“. Второ, дека опозицијата и тие кои гласаат за опозицијата се „зли“. И трето, дека ако неговата „добра“ страна остане дома на денот на изборите, додека опозицијата и нејзините поддржувачи, „злата“ страна, излезат и победат, тоа ќе значи дека „злото надвладеало“.
Заев тука не разбира дека навистина многу луѓе - од сите страни, вклучително веројатно и луѓе од неговата страна, ако се водиме од изборните резултати, сториле нешто, ги искористиле своите гласови и се обиделе да го запрат злото во неговите политики и планови да не надвладее.
Забележавте ли нешто различно во тоа што јас сега го напишав? Заев вели дека одделни луѓе се „зли“. Јас реков дека неговите планови и политики се „зли“.
Ајде да се вратиме на моето првично прашање: што можете да правите кога вашата сопствена влада ве нарекува „зли“? Што можете да направите кога една влада, во еден потег, демонизира 400.000 луѓе? Одговорот би требало да е очигледен: отстранете ги од власт преку гласачките кутии. А во меѓувреме, исмевајте ги (таквите луѓе мразат кога некој им се потсмева).
Изјавите на Заев ги разгневија граѓаните, и со полно право. Колку што се разбирам во човечката природа, претпоставувам дека ваквите изјави ќе поттикнат повеќе луѓе да излезат против него, да гласаат за луѓе кои се подобри од Зоран Заев, подобри од неговата партија СДСМ и подобра од нивната актуелна постава градоначалници и советници.
Важно е да го разбереме следното: кога политичар ќе настапи на ваков начин, кога ја нарекува целата опозиција „зла“, тогаш тоа секако може да и се допадне на неговата страна. Но, воедно ја разгневува и ја мотивира опозицијата. А за клучниот блок гласачи кои се неопределени или не се сигурни за кого да гласаат, ваквите изјави можат да бидат решавачки, можат да бидат пресудни.
Луѓето гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, им ги даваат своите гласови и својата доверба, и ВМРО ги презема назад градовите. На луѓето им е доста од корупција, од лажете, од изговори, преправања, сакаат вистински, опиплив напредок во нивните дневни животи, и повеќе од тоа.
Првата задача, откако ќе заврши вториот изборен круг, и новите претставници дојдат на должност, ќе биде да ги исполнат своите функции како градоначалници и членови на советите со одговарање на прашањата и решавање на реалните проблеми на нивните гласачи, онолку колку што имаат овластувања: тоа се дневните и практични животни проблеми како што е водата, канализацијата, собирањето смет и многу друго - тоа се обврските на градоначалниците и на локалната власт.
Ако овие градоначалници и советници се зафатат првин за ваквите прашања, и бидат добри во нивната работа (а верувам дека ќе бидат), ќе изградат доверба во своите заедници, меѓу нивните гласачи, и можеби меѓу тие кои не ги гласале. Како што довербата расте, така ќе стекнат и авторитет. А како што добиваат авторитет, ќе се подготват за следните парламентарни избори, на кои се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе извојува решавачка победа.
Потоа, се надевам дека Македонија ќе може да почне да се обновува и да си го врати тоа што вистински и припаѓа. Се е прашање на тајминг. Сетете се на зборовите од Стариот Завет: „постои време за се, и доба за секоја активност под небесата“.
Сега време е да ја земете назад клучната локална власт и да ги подобрите животите на сите граѓани во земјата.