За имињата, Слободата и идентитетот
Додека режимот на Зоран Заев се обидува да си ја спаси кожата, дозволете ми да се оддалечам малку од хаосот на македонската политика и да пишувам за тема на на која честопати се осврнувам: имињата, идентитетот и како тие се поврзани со слободата.
Инспирација за оваа колумна добив од НБА кошаркарската ѕвезда Енес Кантер, кој е центар за Бостон Селтикс, кој на 29 ноември го смени своето име и стана граѓанин на Соединетите Американски Држави.
Кое е неговото ново законоско име? Енес Кантер Фридом. Да, Фридом како Слобода. Можете да го викате Господин Слобода.
Енес слободно го избра своето ново име. Во неколку интервјуа тој рече дека „...слободата е најголемиот дар што еден човек може да го име... Затоа сакав тој збор да биде дел од мене, и да го носам каде и да одам“.
Помислете малку на тоа: Кантер сакал зборот „Слобода“ да биде дел од неговиот идентитет. „Слободата“ за него не е само апстрактна именка. Таа е дел од тоа што тој е.
Од господинот Слобода одам до следната тема: читав текст за обидот меѓу одредени политичари и општествени активисти да ги сменат имињата на градови и села низ Соединетите Држави кој би сакал да ви го цитирам. Нејтан Магсиг, околиски службеник во Фресно, Калифорнија, вели дека менувањето на имињата треба да биде „процес“ со кој ќе раководи „заедницата“. Зошто? Затоа што, според господин Магсиг, „Името не е само збор на парче хартија. Името е вашиот идентитет“.
Принудното преименување на Македонија, а со тоа и со менувањето на македонскиот идентитет, беше процес со кој дефинитивно не раководеше „заедницата“, односно македонските граѓани. Тој процес го водеа елитите, во овој случај Владата на Зоран Заев и Али Ахмети и нивните помагачи во одредени медиуми и аналитички центри во Македонија, помогнати од Стејт Департментот, ЕУ, НАТО и западните медиуми и аналитички центри. Заедницата во Македонија немаше можност да се изјасни - тие не беа ниту поканети да кажат што мислат. Процесот беше наметнат од горе, а не од заедницата.
Македонците конечно имаа можност да се изјаснат на референдумот на 30 септември 2018 година, кој беше спектакуларен неуспех, но македонската Влада и нејзините елитистички помагачи едноставно го игнорираа исходот на референдумот, не ја побараа согласноста на тие со кои се владее (според Лок) и направија што си сакаа. Што е уште една причина зошто овој процес не може да трае и нема да трае.
Ова ме води до американските писатели Јувал Левин и Адам Вајт. Во текст за значењето и вредноста на животот пред раѓањето, тие исто така зборуваат за нашата улога како „граѓани на слободно општество“. Левин и Вајт и се обраќаат на американската публика, но сметам дека нивните зборови се значајни за граѓаните на било кое „слободно општество“. Дискутабилно е дали Македонија е навистина слободна во овој период, но да слушнеме што пишуваат Левин и Вајт. „Кога размислуваме за нашите улоги како граѓани на слободно општество, клучно е да се прашаме кои товари треба да се понесат, и со тоа каква одговорност имаме како граѓани. Имаме обврски кон минатото: да го одржуваме и подобруваме тоа што сме го наследиле, и да не потпаднеме на празните илузии дека луѓето кои го изградиле сето тоа што го имаме биле будали или никаквеци, или пак дека ние сме помалку грешни од нив. Имаме обврски и кон сегашноста: да се почитуваме меѓу себе како еднакви, да го градиме нашето општество заедно, кон заедничкиот идеал на добрината дури и кога не сме согласни околу значењето на тој идеал, и барем да се обидеме да си простиме едни на други кога ќе потфрлиме во нашата кауза. А многу и должиме и на иднината, на која мораме да и кажеме како размислуваме кога решаваме што ќе изградиме, а што ќе разурнеме, и кога ги користиме ресурсите кои ги имаме“.
Сметам дека, конкретно за Македонија, Македонците треба да се прашаат кои одговорности треба да ги понесат, кои обврски ги имате кон минатото и кон иднината (подолу ќе се осврнам на сегашноста). Канадскиот психолог и писател доктор Џордан Питерсон велид ека „Мудроста од минатото е скапо платена, и вашите покојни претци имаат многу мудрости да ви кажат“. Ова е уште еден начин да кажеме дека Македонците имаат долг и одговорност кон своите претци да си го вратат тоа што со право ви припаѓа - вашето славно име, Република Македонија - но исо така имате долг и одговорност и кон идните Македонци поради жртвите на минатите генерации Македонци кои се жртвувале и умирале за „идеалот на добрината“, за независната и суверена национална држава Република Македонија. Идните Македонци ќе го продолжат делото што ќе им го остават Македонците од минатото (и од сегашноста).
За одговорноста и товарот што мора да ги понесе сегашната генерација Македонци - мал број Македонци можеби ќе го прифатат своето ново име и идентитет, но тие се јасно малцинство распоредено меѓу општествени слоеви кои ја постигнаа својата цел со сомнителни и недемократски средства. Мнозинството Македонци си го сакаат името, Македонија, можат да ги почитуваат овие другите како рамни на себе и да им простат за нивните салбости, но идеалот на добрината на Македонија останува тоа што Македонците, како „граѓани на слободно општество“ им го должат на минатото, сегашноста и на иднината. И не само што го имаат тој долг, туку и треба да работат кон тој идеал.