
30 години Република Македонија - прашање на честа
Среќен Ден на Независноста, Македонијо!
Иако сте стара нација и народ, вие штотуку наполнивте 30 години како модерна национална држава. Честитки!
25 од тие 30 години ги поминав со вас, ги следев настаните кај вас, живеев со вас, навивав за вас, ве поддржував и храбрев. Зошто? Затоа што, во 1996 година кога првпат дојдов во Македонија, Македонците ги отворија своите домови и срца за мене. Се заљубив во Македонија и во Македонците.
Денес сакам да зборуваме за честа, но првин да кажам зошто мислам дека е важно да направиме поширок осврт на вашиот 30-ти роденден. Како човек кој ги изучува историјата и регионот на Југоисточна Европа, мислам дека е клучно да запомниме дека, кога Југославија се распадна, многу експерти и коментатори велеа дека Македонија нема да преживее, дека и таа ќе се распадне. Докажавте дека овие луѓе не се во право. Не само што преживеавте, туку и успеавте.
Што стои пред вас додека влегувате во вашата 31-ва година? Пред вас се многу предизици: во ред, сите нации се соочуваат со предизвици. Но, пред вас се некои навистина уникатни прашања, како на пример тоа што некои од вашите соседи - како и дел од вашите сограѓани - не ве почитуваат многу. Добро, тие ќе ви кажат дека се вашите најдобри пријатели, дека вашиот успех е и нивен успех, дека ве сакаат... Но, нивните постаки и однесување покажуваат дека не е така, почнувајќи со вашето име и идентитет.
Во врска со предизвиците со кои се соочувате - писателот и социолог Семјуел Хантингтон (1927-2008) има напишано дека „Сите општества се соочуваат со закани за нивниот опстанок кои се повторуваат, и конечно, подлегнуваат на овие закани. Но, некои општества, кога се загрозени, се способни да го одложат нивното пропаѓање така што ќе го запрат или поништат процесот на слабеење и ќе ја обноват својата виталност и својот идентитет“.
Вашата актуелна влада тврди дека под нивната власт македонскиот идентитет е зајакнат. Но дали е така? Поради постапките на вашата актуелна влада, голем дел од светските медиуми, многу избрани функционери и неизбрани дипломати и бирократи, аналитичари и други ве нарекуваат „Северномакедонци“, или пак користат разни јазични гимнастики за да го избегнат зборот „Македонци“. Така добиваме формулации како „северномакедонскиот премиер Зоран Заев“ (вистински, грозен пример на злоупотреба на јазикот, кога употребата на зборот „македонски“ ќе беше сосем доволна - и точна).
И не станува збор само за јазикот. Македонската историја, култура, наставните програми, уметноста, компаниите и брендовите, па дури и спортот, се нападнати од тие кои сметаат дека вие треба да бидете нешто друго, а не Македонци.
Ова ме води до лагите кои ги кажуваат. Англискиот писател и историчар Даглас Мари вели дека „Низ историјата, тоталитарните режими знаеа дека ако успеат да ги натераат луѓето да лажат, можат да ги натераат да направат било што“.
Вашата актуелна власт се уште не се смета за тоталитарен режим, но јасно е дека сакаат да ве натераат да се согласите со нивните лаги. Вие знаете дека сте Македонци. Но што ќе пишува во вашата нова лична карта или новиот пасош?
Што ме води до прашањето на честа.
Примарните принципи се универзални и базични, и важат за сите народи и држави. Тие се неопходни за човештвото да може да опстане и за заштита на човечката слобода и просперитет. Без познавање на примарните принципи, центарот не може да опстои и се се распаѓа. Како што вели англискиот поет, писател и филозоф Џ. К. Честертон (1874-1936) „Човекот кој почнува да размислува без вистински првични принципи ќе полуди“. Ако се сомневате во точноста на неговата изјава, само погледнете околу вас.
Откако објаснив зошто мислам дека честа е важна, и е еден од примарните принципи, да погледнеме подетално што претставува честа.
Американскиот автор Џона Голдберг вели дека „Нација без чувство на чест е нација која самата бара некој да ја подбере. Наспроти сите приказни што ги слушаме за 'меѓународната заедница', меѓународниот свет не е заедница. Тоа е сфера на влијание околу која се водат борби за превласт, каде одделни актери и коалиции на актери ја наметнуваат својата волја. А честа е важна валута во оваа борба. Таа ги врзува сојузниците кога следењето само на личниот интерес ја поткопува лојалноста“.
Голдберг продолжува: „Што е националната чест? Темелен одговор бара повеќе простор од тој што го имаме тука. Но дел од честа е самопочитта. Дел подразбира да можеме да ја раскажеме приказната за самите себеси со гордост. Друг дел е да му порачаме на светот - и особено на нашите сојузници и непријатели - дека сме подготвени да ја браниме својата чест, а не само своите интереси“. А зошто е честа важна? „На многу начини, честа е збор синоним со зборовите углед, интегритет или кредибилитет. Овие видови на геополитички капитал можат да ви придонесат добра волја од другите земји, соработка и почитување во меѓународната сфера. Ако ја потрошите честа, ќе добивате се помалку од овие три други форми на капитал - а може да се случи да ви притребаат“.
Актуелниот режим во Македонија ја раздаде македонската чест - нејзиниот углед, интегритет и кредибилитет. Вашето раководство порачува: „Нашето избрано име, името со кое се нарекувавме себеси при независноста на 8 септември 1991 година, името кое отсекогаш го користевме, всушност не ни е важно. Со задоволство ќе го продадеме за мало столче крај големата маса на НАТО и - после кој знае колку време - за уште едно мало сточке на масата на ЕУ. Притоа македонската влада демонстрираше дека нема чест - дека немаат самопочит и интегритет. Маж или жена кој е подготвен/а да го продаде своето име за нешто привремено и непостојано кко што е членство во некој клуб кој денес го има а утре не, е маж или жена подготвен/а да направи било што.
Да се вратиме на цитатот од Хантингтон: некои општества, кога се загрозени, се способни да ја одложат својата пропаст така што ќе ја обноват својата виталност и својот идентитет. А со тоа, јас би додал, ја обновуваат и својата чест.
Актуелниот режим во Македонија - и нивните гласни поддржувачи во американскиот Стејт Департмент, во ЕУ и во НАТО - постојано ви велат дека ако го продадете своето име, својот идентитет, својата чест, дека правите нешто добро. На крајот на краиштата, вие сте сега во НАТО, а НАТО е (да провериме во тефтерот..), ајде подобро да не зборуваме што стана од НАТО. Постапивте добро со тоа што (да видиме) за малку сте во ЕУ. Треба само да ги исполните барањата на уште една земја и ќе можете да почнете десетгодишен процес на крајот на кој ќе седнете на нивната маса. Навистина. „Верувајте ни“, ви велат.
Огромното мнозинство Македонци - во Републиката, низ регионот, во дијаспората и ширум светот - секогаш ќе го користат само името „Македонија“ и ќе го изговараат гордо и гласно. Тие ќе направат се што е потребно за да се поништи нечесното дело на актуелната македонска влада. Дали ќе успеат во таа цел, тоа е друго прашање, но секако е цел кон која треба да се стремиме, независно што ќе рече актуелната влада и нејзините поддржувачи на Запад.
Затоа, оди напред со чест, Македонијо, и запомни, има многу поважни работи од членството во привремени, непостојани, земјени нешта.
Да живее Република Македонија!
Да живее Македонија!