
Како да спасиш нација
Во мојата последна колумна, Минатите, неродените и сегашните генерации, и нивниот завет, го претставив Буркеанскиот аргумент (именуван според Едвард Бурк) дека постои непишан договор меѓу генерациите на нашите предци, ние кои што сме живи денес и тие кои допрва ќе се родат - неродените. Овој договор се пренесува врз минатото и врз иднината, и им дава право на глас на овие други две генерации - починатите и неродените, врз одлуката каде ќе одиме и каква држава ќе направиме.
Во случајот на Македонија, реков дека овие две генерации - починатите и неродените - имаат право да влијаат врз македонските прашања. Исто така укажав дека под актуелниот режим на Зоран Заев и неговата влада Македонија беше изложена на мнмогу неправди кои мора да бидат поништени за Македонија да може да опстане и да биде успешна земја - како Македонија.
Во оваа колумна, сакам да ги изложам моите мислења како Македонија може - и мора - да биде спасена, и да изнесам одредени начини како таа цел може да се постигне.
Во неговата колумна „Да спасиш нација“, покојниот Ангело Кодевила, кој беше висок соработник на Институтот Клермон и професор по меѓународни односи на Универзитетот во Бостон, пишува дека низ историјата има многу примери како нации биле спасени и обновени, но дека во повеќето од овие случаи било потребно да се отфрли странска сила која ја окупирала нацијата. Кодевила исто така вели дека „отстранувањето на странското влијание најчесто не е ни половина од битката“. Поголем проблем е кога домашната елита, која ги држи командните врвови на културата, ќе тргне по свој посебен пат и ќе ги игнорира традициите и вистините на нејзиното општество - тогаш општеството почнува да се рони. Кодевила потсетува дека и самиот Макијавели укажал дека е многу потешко да спасиш нација отколку да ја основаш.
Македонија денес е исправена точно пред ова прашање: елитата на општеството која ги контролира командните врвови на политичката култура, НВО организациите, медиумите, факултетите, и многу други институции, се сменети и се обидуваат да го сменат македонскиот идентитет, историја, култура и традиција. Овие промени им се наметнуваат на Македонците кои никогаш не се согласија на нив, и го расипуваат карактерот на Макеоднија и на Македонците. Да се навратам на мојата претходна колумна, Македонците точно знаат дека минатите генерации Македонци никогаш немаше да ги прифатат овие промени, и знаат дека идните генерации не би ги прифатиле.
Да го парафразирам малку текстот на Кодевила, кој е напишан за американските читатели: Процесот на спасување на нацијата неминовно значи дека ни се потребни идни водачи на Македонците кои ќе веруваат во Македонија, и во тоа дека Македонија има право на свое име, идентитет, традиција, култура... Водачи кои ќе ги убедат нивните следбеници да ги отфрлат насоките кои доаѓаат од командните врвови на културата, и да останат посветени на вредностите кои се автентични на тоа што Македонија била и треба повторно да биде. Ова е во суштина револуционерен (или контра- револуционерен) процес кој бара еднаква доза на негација и афирмација. Со други зборови, како што би рекол Солжењицин, потребно е да не живееме во лаги.
Да продолжиме со цитати од Солжењицин, од друга книга, каде е запишана следната вистина: „Знам и чувствувам дека сте изморени. Но вие се уште не сте ги претрпеле ужасните искушенија од 20иот век кои се истурија врз стариот континент. Вие сте изморени, но комунистите, кои сакаат да го уништат вашиот систем, не се. Тие воопшто не се уморни“. Или, да го парафразираме кажаното, би рекол дека Македонците навистина се изморени од актуелниот режим во Македонија и од ужасните искушенија кои се истурија врз Македонија во изминатите четири години. Но актуелниот режим, кој сака да ја видоизмени Македонија во нешто што таа воопшто не е, воопшто не е изморен.
Како да направиме да се измори актуелната македонска влада? Поточно, како да ја „спасиме“ Македонија од нив?
Како прво, неопходно е да се обединиме. Македонците кои се посветени на Македонија, тоа што беше и тоа што може да биде, мора да бидат застанат еден до друг бидејќи сите сме во истиот брод. Сите ситни, мали разлики треба да бидат тргнати на страна. Како што вели Кодевила, „Како секој живот кој е заснован врз правила кои самите си ги задаваме, нашиот живот можеме само ние самите да го смениме“. Македонија може да биде спасена и обновена само од македонскиот народ.
Второ, да се вратиме на Солжењицин, потребно е да ги отфрлиме лагите на режимот на Заев. Мораме да им се спротиставиме, да ги побиеме и да ја кажуваме вистината.
Конечно, мораме да запомниме дека Македонците кои веруваат во вистината, убавината, традицијата и знаат дека поради нив животот вреди да се живее, а Македонија заслужува да се бориме за неа, се мнозинство во земјата. Не дозволувајте едно тиранско малцинство да ви ја диктира сегашноста или иднината.
Знаеме дека Бугарија нема да се откаже и да заборави на нејзините барања - Македонците да прогласат дека нивниот јазик и идентитет потекнуваат од бугарскиот. А, ако се водиме од минатото, можеме да очекуваме дека Зоран Заев ќе попушти и ќе ги прифати нивните барања. Во меѓувреме, Грција обвинува дека Македонија не го исполнила во целост таканаречениот договор од Преспа и можеме да очекуваме дека и тие ќе почнат да бараат нови отстапки од Македонија. Членството во ЕУ веќе е надвор од прашање барем за една деценија, ако не и повеќе; а кој знае како ЕУ ќе изгледа по толку време? Да не ги ни спомнуваме безбројните внатрешни проблеми со кои се соочува Македонија - корупцијата, растечкиот криминал, јавниот долг, одбивањето на владата да понесе било каква одговорност за нејзините грешки, етничките тензии, недостигот на странски инвестиции, инфлацијата, менувањето на учебниците и многу друго.
Уште едно нешто - кое сакам да го подвлечам во посебен пасус - ако Заев успее во намерата да го смени образовниот систем на Македонија, тогаш идната генерација Македонци ќе биде учена да ја презира Македонија. Тоа ќе биде крајот на Македонија.
Но, дозволете ми да завршам оптимистички: низ сето ова мораме да останеме Среќни Воини!. Со други зборови, да бидеме ведри, да не зборуваме за нашите рани туку за нашите борби, бидејќи Македонија вреди да се бориме за неа, и бидејќи е сосем можно - јас би рекол неопходно - да имаме позитивен став кон сето ова. Никого нема да разубедиме со жолчен, гневен, поразителен пристап. Тоа не е добро ниту за нашата душа, тело и дух. Но со ставот на Среќни Воини - така можеме да ги добиеме битките пред нас, и војната.